Во Скопје во моментов најактуелен е проблемот со подобрување на јавниот градски превоз. Но, треба да се знае дека градот имал богата историја на модерниот современ превоз.
Според записите на познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, тој превоз многу рано бил во чекор со автомобилскиот сообраќај во Европа.
-Скопските богати трговци, особено оние што се занимавале со колонијални стоки и текстил, купувале автомобили уште во првата деценија од 20 век, главно од марките „форд“, „рено“ и „кајзер“. Еве и друг податок што го потврдува тоа: првата модерна бензинска пумпа во Хановер била отворена во 1920 година, а во Скопје само седум години потоа, во 1927 година. Таа била од компанијата „Шел“ и се наоѓала кај Даутпашиниот амам – се наведува во записите на Коцевски.
Тој додава дека историјата на патничките автомобили, товарните возила, автобусите и мотоциклите имала богата традиција. Развитокот на автомобилизмот во Скопје на почетокот на векот се одвивал многу брзо, како на филмска лента. Додека, за патничките автомобили се знае повеќе, автобускиот сообраќај, особено оној од периодот меѓу двете светски војни, е помалку познат. А целата таа историја изобилувала со куриозитетни детали.
-По Првата светска војна се употребувани репарираните возила од Солунскиот фронт. Веќе во 1920 година автомобилизмот во градот зел замав. Во тој период се донесуваат првите одлуки и прописи за автомобилите во вид на такси што се плаќале за паркинг. Нешто подоцна, кон крајот на 1920 години се воведуваат и првите сообраќајни знаци, а се размислувало за изградба на улици исклучиво наменети за автомобили. Тоа било голема новост за животот во Скопје. Се забранувало лудо возење од 30-40 км на час. Дури и по војната, во 1946 година, кога морало се да започне одново, брзината строго се ограничувала. Автобусите морале да се движат само 15 километри на час! Овие податоци се зачувани благодарение на богатата активност и традиција на АМСМ – запишал Коцевски.
Тој наведува дека вистинска револуција направил еден исклучително способен мајстор. Тоа бил Димитар Хаџи Томов, кој во 1929 година отворил работилница, која постепено се проширувала, за производство на автобуски каросерии. Таа била една од првите на Балканот, а од неа подоцна се развила и познатата фабриката „11 Октомври“.
-Бидејќи времето било такво, тој во почетокот врз камионски шасии правел автобуси. Половина камион – половина автобус! Подоцна ќе ја развие својата активност изработувајќи каросерии врз странски изработени шасии – наведува Коцевски.
Автобускиот сообраќај во Скопје, меѓуградскиот, започнал во 1925 година, а пионери во таа област се познатите браќа Поповиќ.
-Тие имале своја компанија ВАП, („Вардарско автомобилско претпријатие“), која развивала голема активност: поседувале 25 автобуси „форд“ и пет автобуси „круп“. Имале своја работилница, во која работеле автомеханичари, автолакери, автолимари и бравари. Биле вработени 15 возачи. Кон крајот на триесеттите години имало доволен број возила, што овозможувало да се размислува за развој на туризмот – пишува Коцевски.
Тој ја раскажува приказната за не толку познатата Мис Џон, за разлика од како што пишува, Мис Стон, која била англиска сликарка, која се вљубила во Скопје и неговата околина.
-Сакала, во периодот пред војната, детално да ги запознае сите културно-историски споменици. Како? Се разбира, тука бил Мирчо Витларски, еден од првите возачи, таксисти и механичари. Тој, со својот автомобил од марката „доџ“, ја запознал сликарката со она што е значајно во околината на градот. Исто така, и славната писателка Ребека Вест, кога сакала да ја запознае Скопска Црна Гора, тоа го направила со автомобил што ѝ бил ставен на располагање од властите – е запишано во хронологијата за Скопје од Данило Коцевски.
Најпопуларното и легендарно возило што се возело низ Скопје е малиот „фиат 600“, или познатото „фиќо“. Тоа првпат низ градот сообраќа во 1956 година. Меѓу првите сопственици на „фиќо“ е и познатиот артист Петре Прличко. Тој со него одел на снимање на филмот „Мис Стон“. Еве што кажал Прличко за тој период во една своја изјава: „Моето „фиќо“ луѓето го нарекуваа малото автомобилче. Така и јас го викав. Но, со него успешно одев на снимањето на филмот „Мис Стон“. Со него патував и на далечни места. И никогаш не ме остави на пат“.
За воведување на градскиот сообраќај во Скопје, пак се размислувало кон крајот на 1930 години. Од алтернативите што биле разгледувани, општината се одлучила за автобуски сообраќај, наспроти трамвајскиот, кој бил укинат уште во 1912 година.
-Но иако биле издвоени средствата, автобусите никогаш не биле купени, така што Скопје својот прв градски сообраќај го добило дури по Втората светска војна. Најпрвин, тој се вршел со дотраени автобуси, за потоа да се вклучи фабриката „11 Октомври“. Англиските двокатни „лејланди“ биле набавувани во 1953 и 1956 година. Веќе во наредната 1957 година, двокатните автобуси се укинати и се купуваат нови возила од марката ФАП – е напишано во записите на Коцевски.
(А.П.)