Блокада на интеграциите ги подели македонските граѓани за ЕУ!

105

На панел-дискусијата „Фокус на Балканот“, во рамките на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот претседател Стево Пендаровски посочи дека промената на Уставот, која е пречка за натамошното продолжување на евроинтеграциите на земјава, е невозможна додека не заврши изборниот процес

Падот на интересот за Европската Унија во регионот и немањето јасна европска перспектива за државите кандидати за членство носи само поларизација помеѓу самите македонски граѓани во однос на Европската Унија, рече претседателот Стево Пендаровски на пандел-дискусија во рамки на 60. Минхенска безбедносна конференција, која заврши денеска со настаните околу војната во Појасот Газа.

Пендаровски потенцира дека пример за падот на интересот за Европската Унија на Балканот може да се види преку македонскиот пример, односно иако земјава направила тешки компромиси, напредок во интеграцијата сè уште нема.

– До одржувањето на изборите, нема да е можно тоа, бидејќи земјата веќе е во т.н. техничка фаза со формирањето на преодната влада, чија единствена задача е организирање фер и демократски избори – изјави претседателот.

Тој додаде дека Европската Унија не е прашање на денот години наназад во целиот регион на Западен Балкан, не само во Северна Македонија, посочувајќи дека блокадата на патот кон ЕУ носи поларизација и меѓу самите македонски граѓани во однос на ЕУ, не само на етничка основа.

Говорниците на панелот посочија на потребата од обезбедување јасна европска перспектива за државите кандидати за членство во ЕУ, што позитивно ќе влијае на севкупната стабилност и на просперитет на регионот.

На настанот беше истакната и важноста на поддршката што му ја даваат САД на процесот на европска интеграција на земјите од регионот и за продолжување на реформската агенда во тој контекст.

На панелот посветен на земјите од Западен Балкан и безбедноста, Пендаровски посочи дека во интерес на мирот и стабилноста на Европа, неопходно е да се одржи кохезијата во евроатлантскиот блок и процесот на проширување на Европската Унија.

– Потребно е да се реафирмира потребата од забрзана и непречена интеграција на земјите од Западен Балкан како клучен фактор не само за политичките процеси и реформската агенда, туку и за севкупната безбедност, оти во време на мултиплицирани кризи и разнишана безбедносна архитектура, важно за стабилноста на Западен Балкан е да има поголемо европско присуство во регионот – рече Пендаровски.

На Минхенската конференција, освен претседателот на државата, беа и техничкиот премиер, Талат Џафери, и актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

Џафери, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, оствари билатерална средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка (RCC), Мајлинда Брегу, при што е оценето дека во интерес на регионот е напредокот во евроинтеграциите на сите земји од Западен Балкан.

 Министерот за надворешни работи, Османи, се обрати на панелот „Иднината на Западен Балкан – предизвици и можности за ЕУ и трансатлантската алијанса”.

– Земјите од Западен Балкан се подложни на хибридни влијанија од трети земји со кои се поткопува стабилноста на регионот, како и напорите за градење јасен пат кон европските и евроатлантски интеграции. Притоа, поддршката од САД и од ЕУ е од клучно значење за надминување на предизвиците со кои се соочуваме – рече Османи, истакнувајќи дека идното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од значаен економски и безбедносен интерес и за регионот и за Унијата.

Во обраќањето, Османи ја реафирмираше заложбата за продолжување на реформските процеси, но и примена на принципот за градуален пристап, кој треба да биде базиран на заслуги.

– Идното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од значаен економски и безбедносен интерес и за регионот и за Унијата. Концептот „Повеќе интеграција пред полноправно членство“ е комплементарен со планот за раст за Западен Балкан, при што, покрај подобрувањето на демократските процеси, економската и безбедносната состојба на земјите од Западен Балкан, би придонел и за значително унапредување на отпорноста и за зајакнување на заедничкиот одговор кон споделените предизвици – истакна Османи.

МИЛОШОСКИ: Раштимана македонска делегација во Минхен

Раштимана делегација во Минхен, вака пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го коментира настанот на кој присуствуваше и македонска делегација.

Вели дека деновиве вниманието го привлече безбедносната конференција во Минхен. Главни теми беа руската агресија против Украина и ситуацијата на Блискиот Исток.

– Сериозни теми, сериозен протокол со присуство на делегации од многу држави. Но, само една делегација личи на раштиман оркестар, за жал, тоа е македонската делегација. Имено, според дипломатските правила, една држава на меѓународна конференција не може истовремено да ја претставуваат претседателот на државата и премиерот, бидејќи двајцата го имаат највисокиот ранг – шеф на држава и шеф на влада. Како шеф на делегацијата оди или претседателот или оди премиерот, но никако двајцата заедно. Во случајот со Македонија, на конференцијата во Минхен е присутен и претседателот Пендаровски, а истовремено таму е и техничкиот премиер, Талат Џафери. Двајцата имаат по неколкумина соработници во своја придружба. Згора на тоа, со група свои соработници таму е и министерот за надворешни, Османи, оној што би требало да му укаже на премиерот дека двоглави делегации на една иста конференција не праќаат ниту државите што служат за потсмев на меѓународата сцена – пишува Милошоски на социјалните мрежи.

 

Додава дека оваа дипломатска грешка го открива непознавањето на протоколот од страна на техничкиот премиер, но истовремено е и недомаќинско триплирање на буџетските трошоци. Плус, како што наведува, лошо е за власта ако никој од тројцата не сфатил сериозно дека ваквото двојно присуство не е дозволено и од безбедносна гледна точка.

– Двоглавото претставување ќе биде за потсмев кај другите делегации, кои лесно ќе забележат дека во Македонија не постои координација меѓу трите кабинети (претседател, премиер, МНР), кои се задолжени за надворешната политика. Замислете колку бил зачуден Британецот сер Стјуарт Пич, специјен пратеник за Западен Балкан, кого и претседателот Пендаровски и техничкиот премиер, Џафери, го сретнаа на две одвоени средби, како патувањето до Минхен да им е последно патување во кариерата. Или, можеби, сер Стјуарт Пич веќе знае дека во Македонија кавгата за казината на ДУИ со „европско знаменце“ е побитна од координацијата меѓу претседателот, премиерот и министерот за надворешни за нормално меѓународно претставување на државата – додава Милошоски.

Пратеникот пишува дека Македонија секој ден прави нова грешка.