Блокадата на реформските закони ќе донесе нова политичка криза!

70

Нова политичка криза без консензус за реформските закони клучни за ЕУ агендата носи одлуката на опозицијата за замрзнување на учеството во процесот „Жан Моне”. Иако партиите пред само девет месеци се заложија да работат заедно за да се забрза процесот на членство во ЕУ, последните случаи на приведување на ексфункционери од ВМРО-ДПМНЕ ја доведува во прашање конструктивноста на опозицијата, а со тоа и целокупниот процес на евроинтеграција.


Евентуалното доведување во опасност на гласањето за реформските закони ќе значи нова политичка криза и нова кочница за евроатлантскиот процес.
Средбата која беше предвидена да се случи до крајот на неделава се доведува во прашање, а неизвесен е епилогот и со реформските закони кои треба да се гласаат во Собранието.
Условувањето со судските процеси за учество во процесот Жан Моне не е во насока на профилирање на ВМРО-ДПМНЕ во конструктивна опозиција, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија.
-Ова се повторува и очигледно е дека е поврзано со процесите за гонење на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и судските процеси против нив. Мислам дека условувањето со судските процеси за учество во процесот Жан Моне не е во насока на профилирање на ВМРО-ДПМНЕ во конструктивна опозиција. Редефинирањето на ВМРО-ДПМНЕ од претходниот багаж и претходното раководство, како и понесување на одговорност за минато сега е неопходно за партијата да изгради коалиционен потенцијал, односно да стане прифатлива како коалиционен партнер на албанските партии. Одлуката за замрзнување на учеството во процесот се подразбира како опструирање на реформските закони во Собранието кои бараат квалификувано мнозинство. Оттука било какво доведување во ризик на нивното донесување, укажува на примарна грижа за теснопартиски интереси наместо за државните интереси, изјави Трошановски за весникот ВЕЧЕР.
Со одлуката на опозицијата за замрзнување на учеството во процесот „Жан Моне„ политичката тензија ќе ескалира, но најмногу ќе му наштети на ВМРО-ДПМНЕ, вели за весникот ВЕЧЕР комуникологот Петар Арсовски.
-Замрзнувањето на учеството секако ќе придонесе до ескалација на и онака високите тензии и ќе направи покомплициран процес на дијалог, и нема смисол ако опозицијата го бојкотира. Сепак, треба да се има предвид дека за реформските закони на парламентот не му се потребни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека веќе има мнозинство од 80, така што овој бојкот, колку што ќе му наштети на процесот, уште повеќе на ВМРО-ДПМНЕ, додава Арсовски.
Процесот „Жан Моне„ е замислен како рамка за подобрување на дијалогот власт-опозиција и политичко култивирање на нивните односи. Уште минатата година него го иницираа тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн.
Во рамки на процесот досега се одржа само една средба во 2018 година, пролетта во Охрид, каде што беше договорен Етичкиот кодекс. Пратениците тогаш ги усогласија ставовите за измена на Деловникот, а подоцна и изгласаа со цел во иднина да се превенираат настани како 27 април.
По апсењето на Трајко Вељановски, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, ВМРО-ДПМНЕ и возврати на власта со закана дека нема да ги гласа реформските закони.
Координаторот на пратеничката група на оваа партија, Никола Мицевски, придружен од сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, од прес-центарот на Собранието извести дека не донеле одлука да учествуваат понатаму во процесот Жан Моне, од каде потекнуваат сите реформски закони кои се бараат од Европската Унија.

(Ј.Ц.Г)