Блинкен и Лавров ќе се видат, но нема да се сретнат?!

Скопје и Македонија деновиве се центарот на светската дипломатија, поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ токму во нашиот главен град, состанок на кој ќе се носат важни одлуки за иднината на организацијата. Особено големо внимание привлече фактот што на исто место ќе бидат американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чие присуство е потврдено, откако на барање на Македонија во својство на претседавач на ОБСЕ и организатор на 30. состанок на Министерскиот совет, соседна Бугарија дозволи прелет на авионот со кој Лавров доаѓа во Скопје. Но, според досегашните најави, нема да има средба помеѓу Блинкен и Лавров, иако Лавров пред неколку дена изјави дека „имале неколку барања за состаноци, вклучително и од западни претставници“, без да прецизира од кои. Медиумите од регионот, кои се повикуваат на руската новинска агенција „Тас“, пренесуваат дека рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, изјавил дека „Вашингтон не побарал средба и нема да има“.

303

Скопје и Македонија деновиве се центарот на светската дипломатија, поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ, токму во нашиот главен град, состанок на кој ќе се носат важни одлуки за иднината на организацијата. Особено големо внимание привлече фактот што на исто место ќе бидат американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чие присуство е потврдено, откако на барање на Македонија во својство на претседавач на ОБСЕ и организатор на 30. состанок на Министерскиот совет, соседна Бугарија дозволи прелет на авионот со кој Лавров доаѓа во Скопје. Но, според досегашните најави, нема да има средба помеѓу Блинкен и Лавров, иако Лавров пред неколку дена изјави дека „имале неколку барања за состаноци, вклучително и од западни претставници“, без да прецизира од кои.

Медиумите од регионот, кои се повикуваат на руската новинска агенција „Тас“, пренесуваат дека рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, изјавил дека „Вашингтон не побарал средба и нема да има“.

Претходно, американскиот помошник секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан потврди дека Блинкен ќе ја предводи делегацијата на САД на собирот на ОБСЕ во Скопје, но ниту тој не потврди дали ќе има средба помеѓу Блинкен и Лавров.

 -Не знам какви се плановите на министерот Лавров за присуство в четврток. Затоа, нема да коментирам за тоа или за изгледите дека треба да се случи каква било средба, изјави О’Брајан.

Од американскиот Стејт департмент официјално потврдија дека Државниот секретар на САД ќе учествува на Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје каде што ќе зборува за главната улога на Организацијата во промоција на продлабочената безбедност во регионот и ќе се заблагодари на земјава за нејзината лидерска улога.

Блинкен вчера учествуваше на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, а во посета на Македонија пристигнува денеска. Од Скопје Блинкен ќе отпатува на Блискиот Исток, во Израел и ОАЕ.

-Во текот на посетата на Северна Македонија, државниот секретар ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ за реафирмација на цврстите заложби на САД во ОБСЕ и главната мисија на организацијата да промовира безбедност, стабилност и соработка меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирно решавање на споровите, рече портпаролот Метју Милер.

Откако рускиот шеф на дипломатијата лично најави дека ќе дојде во Скопје доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор за руската делегација, бугарското МНР и руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, во понеделникот потврдија дека одговорот на барањето за летот на авионот на Лавров низ бугарскиот воздушен простор, е позитивен.

Од руското МНР наведуваат дека дипломатското овластување за прелет е од привремен карактер и е валидно 3 часа пред и 72 часа по назначениот датум и време на прелетување, додека не се објавени детали за датумите од временската рамка.

 -Дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација, кои исто така се санкционирани лица, според важечкото право на ЕУ, што е изрично наведено во нотата – одговор на бугарската страна, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Во меѓувреме, портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, изјави дека патувањето на Лавров во Скопје не би претставувало кршење на европските санкции против Русија и дека на ваквите средби ЕУ може да ја претстави својата визија, а санкционираните да одлучат да го променат своето деструктивно однесување.

На брифингот со новинарите изминатиот викенд, македонскиот шеф на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи појасни дека доколку дојде, Лавров не доаѓа во билатерална посета, туку доаѓа во земја домаќин на ОБСЕ.

Голем е предизвикот за македонските безбедносни служби кои овие три дена треба да ја гарантираат безбедноста на делегациите и успешна реализација на Министерскиот совет на ОБСЕ. Во Скопје ќе циркулираат 70-ина делегации од 57 земји учеснички во ОБСЕ и земји партнери од Медитеранската и Азиската група.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека граѓаните ќе имаат можност да се движат, но најави дека ќе има отежнато движење, посебно во Центар и во Карпош, каде што ќе се одржува целиот настан и каде дел од улиците „Илинденска“ и „8 Септември“ ќе бидат затворени. Од МВР апелираат  до граѓаните на трпение и секако, да ги почитуваат наредбите коишто ќе ги издаваат службените лица, за безбедно одвивање на целиот настан. (В.С.Н.)

 

Дмитри Кулеба не доаѓа на министерскиот состанок во Скопје

Шефот на украинската дипломатија Дмитри Кулеба не доаѓа на министерскиот состанок во Скопје, a Украина на форумот ќе биде претставена од делегација од нивното МНР, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко. Причина е секако потврденото присуство на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Николенко се заблагодари на напорите на Македонија и на министерот Османи за посветеноста на заштитата на принципите и обврските на ОБСЕ, но истакна дека Москва го злоупотребува правилото за консензус, се служи со закани и отворени уцени, ја блокираше кандидатурата на Естонија, но и дека Русија незаконски приведе тројца Украинци претставници на ОБСЕ, кои се во затвор повеќе од 500 дена. Официјален Киев предупреди дека Русија го уништува ОБСЕ, а доаѓањето на руска делегација, ќе ја влоши кризата во организацијата.

–  Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложништво на нејзините каприци и агресија. Во такви услови, присуството на руската делегација на министерскиот состанок на министерско ниво за првпат од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина само ќе ја влоши кризата во која Русија ја воведе ОБСЕ. Заедно мораме да работиме на спасување на ОБСЕ од Русија, а не со испраќање сигнали за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја до февруари 2022 година, на државата која ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки, наведува портпаролот на украинското МНР. Николенко, во објава на социјалните мрежи.

 

Балтичките земји го бојкотираат состанокот во Скопје поради Лавров  

Министрите за надворешни работи на Естонија, Литванија и Летонија во заедничка изјава објавија дека нивните земји нема да присуствуваат на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, на министерски совет во Скопје поради присуството на нивниот руски колега Сергеј Лавров.

 -Присуството на Сергеј Лавров на министерството на ОБСЕ, исто така, ризикува легитимирање на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, тривијализирање на свирепите злосторства што Русија ги прави и поднесување на руското грубо кршење и непочитување на основните принципи и обврски на ОБСЕ, се вели во заедничката изјава на министрите.

 

Нацев: Нашите безбедносни органи се исправени пред сериозен предизвик

Нашите безбедносни органи се исправени пред сериозен предизвик, но сепак очекувам преку следење на пропишаните процедури и постапки, сè да помине во најдобар ред, односно безбедносните стандарди да бидат постигнати и безбедносните ризици да бидат доведени на најниско ниво, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР, безбедносниот аналитичар, проф. д-р Александар Нацев, декан на Факултетот за детективи и криминалистика при Европски универзитет – Скопје.

-Овие денови во Скопје се организира еден значаен глобален настан, на кој присуство имаат потврдено голем број на делегации, предводени од министри за надворешни работи, меѓу кои и оние на САД и Русија. ОБСЕ како организација е мета на многу критики последниов период, особено по започнувањето на конфликтот во Украина, па овој настан е уште толку позначаен. Исто така, ќе се прават и максимални напори за постигнување договор за следен претседавач, откако Русија и Белорусија ставија вето врз кандидатурата на Естонија за претседавач во 2024 година. Веројатно Малта ќе биде решението за следна година. Во однос на организацискиот дел, нашите безбедносни органи се исправени пред сериозен предизвик, но сепак очекувам преку следење на пропишаните процедури и постапки, се да помине во најдобар ред, односно безбедносните стандарди да бидат постигнати и безбедносните ризици да бидат доведени на најниско ниво, изјави професорот Нацев.