Почнаа попустите за „блек фрајдеј“, кои во некои продавници се движат и до 80 отсто, но реално, во продавниците има многу малку производи на таква акција. Со ваков попуст може да се купат само некои парчиња од старите колекции, додека, пак, кај новите колекции се движи од 10 до 20 отсто. За разлика откај нас, во САД и во европските земји за „блек фрајдеј“ може да се купи брендирана гардероба по навистина ниски цени. Практиката досега покажа дека кај нас попустите не се такви како што се прикажуваат, бидејќи на етикетата цената со попуст е иста или повисока од претходната. Од Организацијата на потрошувачите на Македонија апелираат до купувачите да внимаваат и да не наседнуваат на маркетинг-триковите на трговците.
– Граѓаните да не наседнуваат на големите попусти што се изразени во проценти. За да биде вистински попустот, треба да се гледа цената што била пред 30 дена, а не да се пресметува попустот на цената што била во јануари. Според Законот за заштита на потрошувачите, цената што важела пред 30 дена се зема како основа за попустот. Затоа, кога се пресметува попустот, треба да се пречкрта старата цена од пред 30 дена и да се напише новата цена. Не треба само да се стави процент, тоа е измамничко означување – изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Според неа, попустите не смеат да бидат изразени само во проценти, туку покрај процентот треба да стои и намалената цена за да не се доведат купувачите во заблуда.
– Откако ќе се пречкрта старата цена и ќе се стави новата, тогаш потрошувачите ќе може да видат колкав е попустот, а ваквото означување на попустите само во проценти е манипулација. Исто и кај новите колекции, старата цена од пред 30 дена треба да се пречкрта, над неа да биде напишана новата и потоа се гледа за колку проценти е намалено одредено парче – појаснува Лончар-Велкова.
Таа додава дека кога ставаат трговците големи попусти, тие обично важат за неколку парчиња, а другата гардероба не е со толкав попуст.
– Целта со „големите“ попусти е да се привлечат поголем број потрошувачи. Овие трикови на трговците не се недозволени, но се нечесни. По „блек фрајдеј“, обично ги враќаат цените по старо, но Државниот пазарен инспекторат може да ги казни поради ваквите нечесни трговски практики – вели претседателката на ОПМ.
„Блек фрајдеј“ или „црн петок“ кај нас зема замав последниве неколку години. И покрај тоа што насекаде низ градот и во шопинг-моловите има залепени плакати за попусти до 80 отсто, граѓаните речиси и да не ги забележуваат. Велат дека попустите се лажни и оти цените се исти како пред попустите.
– Сакав да купам една кошула што беше 600 денари. Чекав да дојде „блек фрајдеј“ за ја купам на попуст. Но, и покрај тоа што попустите почнаа и на излогот од продавницата стоеше дека има попуст од 50 до 70 отсто, кошулата беше со истата цена – вели една скопјанка.
Граѓаните коментираат дека кај нас речиси и да нема попуст на брендираните парчиња облека и обувки или ако има попуст, тој е минимален. На „блек фрајдеј“, попуст може да се најде само на нешто од лани или што не им се продава.
– Сè што е квалитетно е скапо – коментираат граѓаните.
Сепак, за разлика откај нас, во Америка на овој ден има огромни попусти, продавниците отвораат уште во текот на ноќта, а редиците за чекање се формираат во текот на раните утрински часови. Сосема е логично што шопинг-манијата наречена „црн петок” е национален феномен во Америка, бидејќи сè почна оттаму.
(А.С.)