Блек фрајдеј лудилото ги „олесни“ Американците за околу 11 милијарди долари!

15
EPA-EFE/OLGA FEDOROVA

Американците вчера, на „Црн петок“, потрошија околу 11 милијарди долари во онлајн набавки, што е за 10,2 отсто повеќе од минатата година, покажуваат податоците на Adobe Analytics.

Компанијата наведува дека на „Црн петок“ Американците направиле најмногу онлајн купувања на шминка, производи за нега на кожа и коса, како и блутут звучници и машини за еспресо.

Продажбата на играчки преку Интернет е зголемена за 622 отсто во однос на просечната дневна продажба во октомври, додека продажбата на накит е зголемена за 561 отсто, а на домашните апарати за 476 отсто во однос на октомври, се наведува во соопштението, пренесе телевизијата Еј-Би-Си.

Во 2023 година американските купувачи потрошија 9,8 милијарди долари на онлајн шопинг за таканаречениот „Црн петок“, што беше за 700 милиони долари повеќе од 9,1 милијарди долари една година порано.

„Црниот петок“, само еден ден по американскиот празник „Ден на благодарноста“, го означува официјалниот почеток на празничната шопинг сезона за трговците на мало кога тие нудат големи попусти.