Благица Павловска, за весникот ВЕЧЕР: Уживам во животот – бев на Куба, пеам песни што и јас и публиката ги сакаме и, фала му на Бога, здрава сум и добро расположена

12757

Пејачката не ги крие годините, вели дека наполнила точно 66 и дека му се радува на животот.  – На овие години, уживам во животот, бидејќи нема реприза, живот без обврски. Добро сум расположена!  Не е секогаш сè во работата и во тие пусти пари. Често патувам со моето друштво и никогаш нема да го заборавам летувањето на егзотичната Куба, со пријателите од Канада – вели за весникот ВЕЧЕР разубавената Благица

 Публиката во Македонија дури ни на сон не ја заборава фолк-пејачката Благица Павловска, нагалено наречена Баге или Блашка, која пред повеќе од две децении ја испеа песната „Не можам, душо, да те заборавам“. Песната стана голем хит, остана да се пее на сите прослави, а Благица Павловска, родена скопјанка, продолжи со успешната кариера во родната Македонија. Дури има испеано и таква песна со патриотска содржина – „Добро утро, Македонијо“, која сè уште се пее, особено кога се државни празници.  Кариерата ја започна далеку од дома, во Сараево, но поради војната и распаѓањето на Југославија, се врати во Скопје, на почетокот од 90-тите години. И продолжи да пее, и тоа многу успешно. Во еден период од кариерата, настапуваше со фолк-групата  „Четири грации“, каде што, покрај неа, членуваа и Андријана Алачки, Росана Тодоровска-Сариќ и Бади Бекир.

Меѓутоа, немаше среќа во приватниот живот. Што се вели, поради популарноста и парите, ѝ се „лепеа“ мажи со кои не остануваше долго во врска. Најчесто, на почетокот од врските беше пијано вљубена, отпосле се трезнеше. Таква ѝ била судбината.  Ни прва ни последна. Тоа е таа горчлива вистина, како што би требало да се вика и нејзината автобиографска книга, која подолго време ја најавува. Во недостиг на слободно време, не стигнува да ја заврши. Но ќе биде, сигурно.

Има што да раскажува оваа темпераментна пејачка, позната и како голем борец за заштита на напуштените улични кучиња, но и на мачките, за кои постојано јавно го крева гласот. Дома има бела, мила пудличка, која е толку питома и врзана за неа што тешко им паѓаат разделбите.

Пејачката не ги крие годините, вели дека веќе наполнила точно 66 и дека му се радува на животот иако ѝ е тажно во душата поради тоа што не се оствари како мајка.  Сепак, не е некоја што плаче или очајува над судбината. Така ѝ било пишано од Бога, во кого многу верува.

– За среќа, постојано сум со моите пријатели насекаде низ светот каде што пеам и гостувам. Можеби, сега не настапувам толку многу како некогаш, кога не можев да здивнам. На овие години, сакам да уживам во животот, кој нема реприза, живот без обврски. Не е секогаш сè во работата и во тие пари. Сега се подготвувам пак да заминам надвор од Македонија, кај пријателите, каде што ме чекаат со раширени раце. Тоа ми ја полни душата. Знам дека ме сакаат луѓето, дека сè ќе направат за мене, дури и највкусни јадења. И овде, во Македонија, имам добри колеги пејачи. Сакам да гостувам на нивните концерти, тоа го доживувам како почит кон мојата работа и мојата личност. А, да не раскажувам дека секогаш се бара билет повеќе за моите солистички настапи – вели Благица, која е разубавена, ослабена и, како и секогаш, со питома, широка насмевка.

Уште ја држат спомените од одморот на егзотичната Куба, иако помина време оттогаш.

– Од 1998 година не сум била никаде толку далеку, приватно, без настапи и пеење. Тој одмор на Куба одлично ми легна, ги наполнив батериите. Спомените се сè уште присутни со сликите од одморот на песочните плажи. Бев одушевена и од нивното лето, кое трае цела година. На плажа среде нашата зима, на некои плус 33 степени. Љубезните Кубанци се питом народ и знаат за нашата Македонија, дека ние некогаш бевме дел од Титова Југославија.  Жалат што се растуривме како заедничка држава, за која сакаат и натаму да муабетат.

Потенцира дека не е некоја помодарка, но дека сака да биде убаво и удобно облечена и на сцената и во приватниот живот.

– Кога ќе ме видите облечена во црвена боја, знајте дека пак сум вљубена. Не се знае во кого, важно е дека горам од љубов! Мило ми е што уште ми го памтат оној толку атрактивен црвен фустан во кој пеев на фестивалот „Охридски трубадури“. Најчудно беше што го купив фустанот во последен миг, во скопско Драчево. Толку многу ми се допадна што решив во него да настапам на фестивалската сцена. И гледам дека не згрешив. Реакциите на новинарите, публиката, а и на оние што се занимаваат со мода, се фантастични. Кај мене, сè е според моите чувство и расположение. Така ги избирам и боите. Црвената боја, често, убаво ми прилега. Не грешам, нели?

Иако има многу весели песни на својот репертоар, сепак, најисполнета се чувствува кога ги пее оние таканаречени тажни балади. Една од нив беше и „Езерски солзи“, во која се зборува за солзите на нашето преубаво Охридско Езеро, за кое сите ние не водиме доволно грижа. А, солзите се на една растажена жена што доаѓа во Охрид, сакајќи да се сети на некои свои моменти, но сега веќе го нема човекот кого силно го сакала.  И јас се пронајдов во тој текст. Ме потсетува на некои луѓе и настани кои и мене ми се случуваа и поради кои се разочарав – коментира искрено Благица.

И за крај, ја оставаме пејачката така како што ја затековме. Во добро расположение. Благодарна му е на Бога, бидејќи е верник и пред сè, здрава – и физички и умствено.  И што е, секако, исто така важно, што не е сама на тие нејзини 66 години.

– Самотијата убива. Најпрво ја убива психата, а потоа пополека се одразува и на физичкото здравје. Затоа сум секогаш во некое друштво – и дома и надвор од дома. Друштво може да ми биде и мојата миленичка – пудличката Луси, која ми е како ќеркичка.

Плаче по мене кога одам до маркет, кога треба да излезам на сцена да испеам песна, па морам да ја оставам во нечии раце, да ми ја причуваат. Јас многу ги сакам животните. Сега имам еден апел до сите. Доаѓа студена зима, ќе има и снег. Оставете им на бездомните кучиња и мачки, секаде каде што можете и каде што е изводило, јадење и вода за пиење, ќебиња, термоси со топла вода…. Тие ќе знаат да ви возвратат со љубов!

Дуле Миќиќ / фото: архива

 

ИЗДВОЕНИ