Блага Петреска носталгично се присети на своите почетоци со забавните шлагерски песни 

85

Во рамките на прославите – 60 години Македонска телевизија и 80 години Македонско радио 

Легендарната македонска пејачка, Блага Петреска, остави мошне голем впечаток вчера изутрина, кога настапи како специјална гостинка во утринската програма на Македонската телевизија, во рамките на значајната прослава: 60 години од постоењето на таа ТВ-куќа и 80 година од постоењето на Македонското радио.

Како што успешно се развиваше кариерата на нашата Блага Национале така растеа до заслужени височини и овие два македонски национални, електронски медиуми. Во нив започнаа, но и се пензионираа, многу генерации новинари. Секако, таму првите свои музички снимки ги имаат реализирано и многу пејачи што станаа ѕвезди, притоа останувајќи нормални и комуникативни луѓе. Блага Петреска е една од нив. Темпераментната прилепчанка има нераскинлива врска со МТВ, растеше со неа, тогашната Телевизија Скопје, за која сними стотици музички емисии, кои сега имаат значење на вистинско национално уметничко богатство.

 Додека ги слушавме нејзините интересни сеќавања, во заднина „одеше“ старата и зачувана снимка на која Блага извонредно ја пее, во македонска верзија, победничката песна од една Евровизија, познатата „Одиш ти“ (или „По тебе“), тогаш оригинално испеана од Гркинката Вики Леандрос.

– Многу драги спомени носам од Македонската телевизија, од самите нејзини почетоци. А, најинтересно е тоа што јас почнав со забавната музика, со шлагерите. Миленички ми беа Милва и Тереза Кесовија, а ги пеев и сите попознати песни од италијанскиот „Сан Ремо“. Години потоа, ѝ се приклонив на народната македонска песна – и не згрешив!

Секако дека имаше многу интересни случки за овие 60 години од постоењето на МТВ.  Се сеќавам на еден муабет по снимањата, со секогаш добро расположената Васка Илиева. Кога се врати од турнејата по Америка, сите љубопитно ја прашувавме: „Како е таму, во таа далечна Америка?“ Таа, како што беше така шегобијно скроена, рече: „Што како е, па и таму има куќи како што има куќи и овде, кај нас“ – раскажа Блага со широка насмевка, гостувајќи во славеничката програма на МТВ и присетувајќи се на настаните од едни дамнешни, убави времиња.    Д.М.

ИЗДВОЕНИ