Бит-пазар промоција или предвремена кампања?

Со промоцијата на досега сработените проекти не се прекршува законот, туку им се предочува на граѓаните на она на што се работело за време на пандемијата. Вака денеска премиерот Зоран Заев го оправда присуството на владиниот врв на пуштање во употреба на реновираниот Бит-пазар и реакциите во јавноста за предвремена кампања за локалните избори. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија со критики до Владата дека била на промоција на приватен проект на Бит-пазар затоа што нема свој, а на 200 метри од “црвените теписи” граѓаните и денеска живеат како во 18 век, без канализација и инфраструктура.

1558

Со промоцијата на досега сработените проекти не се прекршува законот, туку им се предочува на граѓаните на она на што се работело за време на пандемијата. Вака денеска премиерот Зоран Заев го оправда присуството на владиниот врв на пуштање во употреба на реновираниот Бит-пазар и реакциите во јавноста за предвремена кампања за локалните избори.

„Сите овие се инвестиции и се работеа за време на најнеочекувана светска криза пандемијата од ковид-19, со што дадовме дополнителен импулс на економскиот развој на државата, но и се решија вековни проблеми. Генерално законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот“ – вели премиерот.  

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија  со критики до  Владата дека била на промоција на приватен проект на Бит-пазар затоа што нема свој, а на 200 метри од “црвените теписи” граѓаните и денеска живеат како во 18 век, без канализација и инфраструктура.

На прашањето дека во минатото им забележуваа на претходните власти дека водат предвремени кампањи, а сега тие истото го прават, Заев рече дека кога СДСМ беа во опозиција тоа прашање беше вградено во Изборниот законик и точно се знае кога може да се пуштаат објекти, а кога е тоа забрането, со предвидени казни во Изборниот и во Кривичниот законик.

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот и лидер на СДСМ потврди дека на првиот Централен одбор, освен Максим Димитриевски, ќе бидат исклучени од партијата и други членови, како Зоран Ногачевски, кои собрале потписи за независни кандидатури, со што го прекршиле статутот на партијата. Во однос на кандидатот за градоначалник на Кочани, навести дека кандидатурата на актуелниот градоначалник ќе биде објавена по одбележувањето на празникот на градот 7 септември.

Тој повтори дека нивната коалиција со ДУИ, Беса и ДПА и со другите партии е принципиелна и дека таму каде што двата коалициски партнери имаат свои кандидати ќе ги остават граѓаните сами да  одлучат.

Коалицискиот партнер на СДСМ, ДУИ, пак, утре ќе ги претстави 18-те кандидати за градоначалници, проверени на бројни анкети што се спроведувани неколку месеци и ја имаат огромната поддршка од граѓаните, најави денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Тој нагласи дека граѓаните согласно нивните убедувања ќе одлучат за кого да го дадат својот глас во вториот круг, доколку има општина во која ќе се натпреваруваат кандидати од ДУИ и БЕСА.

Прашан каква кампања очекува од политичките противници, Груби рече дека станува збор за многу несвојствена коалиција на поделби, а не на заедништво.

„На социјалните мрежи ја нарекуваат коалиција 27. Тоа е коалиција на поделби, а не е на заедништво, коалиција на Скопје 2014, а не на едно цело и заедничко наше Скопје. Едвај чекам да го видам денот кога сите гласачи на Алијанса со цело свое срце, ентузијазам и љубов ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и Христијан Мицкоски и обратно сите патриоти на ВМРО-ДПМНЕ, сите кои влегоа на 27 април во Собранието и сите што го поддржуваат Скопје 2014 ќе гласаат со големо убедување и цело срце за Зијадин Села и Алијанса“ – рече Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека Груби за многу брзо време јавно ќе се кае за неговите инсинуации, бидејќи заборавил дека порано секојдневно беше дел од ентериерот во седиштето на ДПМНЕ и важи за еден од пратениците кои беа најбрзи кога на времето го притискаше копчето за гласање на владите на ВМРО-ДПМНЕ.

(И.С.)