Нема да има промена на опсегот на четирите блок тарифи за електричната енергија на регулираниот пазар и покрај забелешките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), порача вечерва претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.
-РКЕ го носи тарифниот систем и кажува во кој опсег ќе се блок тарифите. Да, има забелешки од ММФ дека блоковите треба да се намалат, но одговорно тврдам – блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена, рече Бислимоски во телевизиско гостување.
Нагласи дека намалувањето на субвенциите што ги даваше Владата за електричната енергија е логичен след затоа што, како што рече, оваа година, по завршувањето на грејната сезона немаме потреба од ТЕЦ Неготино и големите набавки завршија. Воедно, додаде, имаме и постабилна и попредвидлива состојба со цените на електричната енергија на берза.
-Имаме постабилна ситуација во однос на цената на струјата на слободниот пазар кај нас и во регионот, кога може да се купи струја на слободниот пазар. Во тој дел потребите кои требаше да ги обезбеди ЕСМ за универзалниот снабдувач, за малите потрошувачи и домаќинствата, загубите во дистрибутивната и преносната мрежа, сега се обезбедуваат на слободниот пазар по цени кои се многу пониски. Оттука се должи тоа што се намалуваат субвенциите за ЕСМ. По лошата 2021 година ЕСМ го зголеми производството на струја во 2022 и очекуваме годинава да биде над четири милијарди киловат часови, посочи Бислимоски.
Од тој аспект, додаде, нема потреба да се даваат толку пари, зошто сите трошоци се намалени.