Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, денеска презентираше докази за наводно криминално работење на актуелниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски.
Тој потсети дека има јасно дефиниран систем воспоставен по примерот на Европската Унија за избор и исплата на финансиски средства во делот на земјоделството, но дека тој процес бил дерогиран од страна на Николовски.
Трипуновски рече дека Николовски донел програми спротивно на прописите за финансиско управување и контрола и оти една иста комисија надлежна да врши избор на корисници следи имплементација, врши контрола, односно едно исто службено лице во исто време е одговорно за одобрување, извршување и за контрола на буџетското трошење на средствата.
– Тоа е спротивно на сите акти за финансиска контрола, со што Николовски оставил простор да се влијае на начинот на распределбата на над 2,5 милиони евра народни пари. На овој начин, Николовски директно извршил упад во системот, бидејќи иако Министерството е орган што ги планира мерките за финансиска поддршка и го оценува нивното влијание, сепак, нивното исплаќање се врши преку Платежната агенција. Со тоа, Николовски директно ја нарушил системската поставеност на институциите – обвини Трипуновски.
Рече дека документите што ги презентираше ги прибавил директно од Министерството и за кои има цврсти докази на кои ќе се презентираат програма по програма и како се распределувале средствата преку Министерството, но и кои биле членовите преку кои можел Николовски директно да влијае и да фаворизира одреден апликант.
– Само во 2022 година, исплатени се над половина милион евра или поточно на 59 апликанти им се исплатени по 10.000 евра или вкупно 590.000 евра, додека во 2023 година, на 86-мина апликанти за мали винарници се исплатени средства во висина од 800.000 евра. Во 2023 г., за програмата вински дестилати, исплатено е на 12-мина апликанти во вредност од 56.000 евра и истата 2023 година, по програмата за неживотинско, на 113-мина апликанти исплатени се финансиски средства во висина од 1.100.000 евра – рече Трипуновски.
Тој повика дека мора да има целосна истрага, случај по случај да се види како е можно едно семејство, односно двајца сопружници да добијат финансиска помош од по 10.000 евра, а другите да се одбиени.
– Како може услов за добивање државни пари да биде единствениот критериум „прв дојден – прв услужен“? Како може да се поделени 2,5 милиони евра државни пари, а да нема никаква контрола?, рече Трипуновски.