Млад човек се удави во белгискиот град Остенде во неделата навечер откако се обидел да ги извади клучевите што му паднале во канал.
Според „Белгиум тајмс“, несреќата се случила во близина на училиште „Конинклијк Верк Ибис“ кога двајца мажи на возраст од 29 и 21 година се обиделе да ги извадат клучевите, поради што постариот маж се лизнал и паднал во водата.
Помладиот се обидел да го спаси својот пријател, но од силната струја и самиот паднал во водата. Минувачите брзо ја повикале Итната помош и успеале да го извлечат од водата 21-годишникот, кој потоа бил пренесен во болница во тешка состојба, но подоцна се стабилизирал.
Меѓутоа, другиот маж, жител на Остенде, бил однесен од струјата. Според белгискиот весник, спасувачите започнале потрага во неделата, но дури утринава успеале да го лоцираат телото.