Легендарниот француски фудбалер, Зинедин Зидан, е без работа веќе три години. Откако го напушти Реал (М) во 2021 година, популарниот Зи-Зу паузира од фудбалот и не се појавува често во јавноста.
Сепак, неговото име често се поврзува со бројни клубови. Јувентус и Манчестер Јунајтед се тимовите кои покажаа најголем интерес, а Зидан тврди дека принципиелно никогаш не би ги менаџирал „црвените ѓаволи“.
Проблем за 52-годишникот е англискиот јазик. Тој не сака да води тим каде што нема да може правилно да се изрази и да ја објасни својата фудбалска филозофија.
„Работам на поинаков начин и имам неколку елементи кои треба да се исполнат за да работам во клуб. Еден од нив е познавање на јазикот“, изјави Зидан и додаде:
„Дали би работел во Манчестер Јунајтед? Разбирам англиски, но не го зборувам доволно течно. Знам дека има тренери кои одат во клубови каде што не го знаат јазикот, но јас работам на поинаков начин. Има доволно елементи кои носат победа. Точно знам што ми треба за да победам“, е пораката на легендарниот Зидан.
Славниот Французин во својата тренерска кариера го водеше само Реал (М), во периодот од јануари 2016 до јуни 2018 година, а потоа и во периодот од летото 2019 до летото 2021 година.
Под негово водство Реал освои три трофеи во Лигата на шампионите и два трофеи во Ла Лига, УЕФА и шпански Суперкуп, како и Светското клупско првенство на ФИФА.