Популарната пејачка на промоцијата на новиот албум емотивно се присети на зборовите на својата рано почината мајка
Татко ми е, еве, тука, а мајка ми сигурно сега ме гледа таму некаде од горе и се гордее што ја послушав. Продолжив да пеам поради неа, поради ќерка ми, татко ми, мојот внук, а заслужен за сè ова е мојот Баце Дојчин – Владимир Дојчиновски, вели разубавената пејачка која и овој пат умееше да шармира со својот начин на непосредна комуникација
–
Среќна и забележително растревожена во онаа позитивна смисла на зборот, нашата вонсериска поп-пејачка Биба Додева собра сила и вистинска машка храброст во ова време на пандемијата да организира промоција. Сè се случи на отворениот простор на хотелот “Александар Палас“ промоцијата на нејзиниот нов албум “Незаборавни“ со преработка на 11 македонски евергрин хитови (од “Анушка“, “Едно срце имам душо“, до “Сребрени улици“). Беа поканети многу нејзини пријатели, колеги од естрадата, како и новинари (кои, за жал, заборави барем да ги поздрави иако ние постојано ја поддржуваме во тоа што го работи), а најдрагиот гостин, нејзиниот внук Александар, ѝ подари цвеќе.
–
„Навистина долго време ме немаше со албум. Среќна сум што ова е првиот поп албум во оваа 2020 година. Искрена да бидам немав желба пак да запеам, но запеав бидејќи мојата мајка додека беше жива секогаш ми велеше дека треба да пеам, дека не смеам да престанам со песната.
Татко ми е, еве, тука, а мајка ми сигурно сега ме гледа таму некаде од горе и се гордее што ја послушав. Продолжив да пеам поради неа, поради ќерка ми, татко ми, мојот внук, а заслужен за сево ова е мојот Баце Дојчин – Владимир Дојчиновски, кој беше упорен албумот да се направи“, кажа Биба со многу емоции и предизвика бурен аплауз.
Овој албум, кој нема рок на траење е снимен во студиото „Блу“, a мастерингот го направи Иле Спасов испофален од страната на Биба.
Д.Миќиќ
Фото:П.Стојановски