Уругвајската фудбалска ѕвезда Диего Форлан (45), кој е поранешен напаѓач на Манчестер Јунајтед, Атлетико Мадрид, Интер…, ја почна својата тениска кариера.
Првиот професионален меч го одигра во Монтевидео, каде заедно со Федерико Корија беа поразени со 6:1, 6:2 на турнирот во двојки од Борис Ариас и Федерико Зебалос.
Форлан и неговиот тениски партнер настапија на АТП турнирот со покана од организаторите. Форлан му се врати на тенисот, спорт кој го играше заедно со фудбалот до својата 16-та година. Сега игра тенис во конкуренција на играчи над 30 години.
Во својата богата фудбалска кариера, Форлан останува најпознат по неговите фантастични настапи на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година. Уругвај потоа заврши на четвртото место, а Форлан беше прогласен за најдобар играч на турнирот, каде постигна пет гола.
Тој исто така го предводеше Уругвај до титулата на Копа Америка во 2011 година, постигнувајќи два гола во финалето против Парагвај. Стрелец во победата од 3:0 беше и Луис Суарез.
Со 112 настапи и 36 гола за Уругвај, Форлан во својата кариера настапуваше за великани како Манчестер Јунајтед, Виљареал, Атлетико Мадрид и Интер. Тој остави најдлабока трага во Атлетико, каде постигна 96 гола на 198 натпревари од 2007 до 2011 година и учествуваше во освојувањето на Лига Европа и Суперкупот на УЕФА. Во 2003 година со Јунајтед ја освои Премиер лигата.