Место планираните 250 милиони евра од претходната Влада, конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој треба да изгради четири автопатишта во земјава, ќе добие само 67 милиони евра. Толку пари од буџетот ќе добие Јавното претпријатие за државни патишта, кое ја финансира изградбата на делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан од коридорот 8 и Прилеп – Битола од коридорот 10-д. Ова е ставено во измената на програмата за финансирање, каде што износот 15.100.000.000 се заменува со износот 4.100.000.000 денари.
Во извештајот од надзорот за прогрес на работите на коридорите 8 и 10-д за јули се наведува дека во 2024 година „Бехтел и Енка“ не добил ниту денар од буџетот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д, но продолжува со активностите.
– Тоа може да го забави напредокот и да предизвикаат дополнителни трошоци за државата ако не се надминат навреме – се наведува во извештајот.
Конзорциумот „Бехтел и Енка“ лани доби само еден аванс од 50 милиони евра, откако започна реализацијата на договорот.
– Ова е особено значајно, бидејќи проектот предвидува исплати од околу 250 милиони евра само за оваа година. До овој момент, нема префрлена ниту една трансакција за оваа намена, што отвора прашања за финансиската стабилност на проектот и за можноста за идни доцнења. Претпријатието за државни патишта и понатаму нема објавено конкретни причини за доцнењето на средствата, а проектот се наоѓа во критична фаза на изградба – е наведено во извештајот.
Но, и покрај ваквата состојба, „Бехтел и Енка“ продолжува да работи на геотехничките истражувања и на спецификациите, како и на мобилизацијата на градежните опрема и екипи.
– Ова сугерира дека изведувачот работи на свој ризик, што е невообичаена практика во проекти од ваков обем. Останува нејасно дали и кога ќе се реализираат потребните исплати од државниот буџет, што би овозможило непречено продолжување на проектот – се нотира во извештајот.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, беше децидна дека на „Бехтел и Енка“ повеќе нема да му се префрлаат аванси, туку ќе бидат исплаќани по реализираните работи на терен.
– Илузорно е да планирате 250 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10-д во ситуација кога не можете да завршите експропријација, имате еден куп проблеми, кога не ја знаете трасата, односно кога знаете дека нема да ги реализирате и тие на крајот на годината ќе завршеа во некои коруптивни зделки – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа рече дека проектот на „Бехтел и Енка“ ќе продолжи да биде финансиран со дел од унгарскиот заем од милијарда евра и за наредната година се планирани 250 милиони евра.
Инаку, на терен се работи на завршување на експропријацијата и на дислокацијата на електричните и на телекомуникациските водови, што е надлежност на ЈПДП. Доколку тоа се направи, пред Нова година „Бехтел и Енка“ би можел да почне со поинтензивни работи на терен.
– Правиме интензивни напори за решавање на експропријацијата. Влегуваат откако ќе биде исчистено земјиштето, значи да биде експроприрано, да бидат дислоцирани каблите, да има деминирање. Дури и проектирањето е под надлежност на Република Македонија, така што интензивно работиме за да може што побрзо „Бехтел и Енка“ да почне да работи. Се надевам дека пред Нова година ќе ги внесеме на терен – изјави директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
Според официјалните податоци, автопатските делници од коридорите 8 и 10-д се со планирана должина од 109 километри. Треба да се изградат 24 подвозници и 34 надвозници. „Бехтел и Енка“ треба да изгради и мостови во вкупна должина од 4.500 метри (4,5 километри). При градежните активности, треба да се ископаат и да се извадат 21 милион кубни километри земјиште, камења и карпи.
(С.Бл.)