Бетел: Нема да има победник ако дојде до конфликт меѓу Косово и Србија

78

Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, кој заедно со неговиот холандски колега, Марк Руте, престојува денеска во Косово, изјави дека неговата земја и Европската унија го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија и порача дека никој нема да  биде победник доколку дојде до конфликт меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција по средбата со косовскиот премиер, Албин Курти, Бетел рече дека оваа посета била планирано пред доста време и дека со Руте не дошле во регионот за да судат, туку за да ги слушнат страните и да помогнат во наоѓањето решение.

– Кога се планираше ова патување не знаевме дека ќе има тензии. Ние се трудиме да градиме мостови. Вчера бевме во Белград, денеска сме во Приштина. Значајно е за нас што знаеме дека има патоказ (од ЕУ) за дијалогот. Треба да ја елиминираме секоја можност од евентуални кризи, од кои најмногу страда народот. Ние како политичари носиме одлуки, но народот ги трпи последиците, рече Бетел.

Премиерите на Луксембург и Холандија допатуваа во Приштина од Белград, каде што вчера се сретнаа со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Нивната посета на двете земји, како што порачаа, е со цел да придонесат за смирување на тензиите и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Пред да се сретнат со Курти, Руте и Бетел беа примени од претседателката на Косово, Вјоса Османи, а за попладнево најавија дека ќе се сретнат со невладини организации кои ја поддржуваат ЛГБТИ заедницата.