Фондот за здравствено осигурување има склучено договор за социјално осигурување со 18 земји од Европа во случај кога наши граѓани се на стручно усовршување, школување, службено или приватно патување (туристички, посета) и слично. За да се реализира ова здравствено осигурување потребно е  да се поседува двојазичен образец, кој се користи доколку дојдете во ситуација да ви треба лекарска услуга, евентуална хоспитализација додека сте во странство, при што ќе може да се лекувате на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Оваа поволност нашите граѓани ја имаат  во Турција, Бугарија, Германија, Австрија, Белгија, Албанија, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Чешка, Словачка, Унгарија, Холандија, Луксембург, Франција и Италија. Грција не е на оваа листа,а за лекување во оваа земја се користи патничко осигурување

 

 

Летните одмори се во тек, а за да бидете комотни во странство неопходен ви е двојазичниот образец на Фондот за здравствено осигурување. Со него ако сте   осигуреници на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, може да добиете здравствена услуга исто како и осигурениците на државата во која се наоѓаат, но само доколку таа е една од 18. држави во Европа со кои нашиот Фонд има склучено посебен договор. На оваа листа се: Турција, Бугарија, Германија, Австрија, Белгија, Албанија, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Чешка, Словачка, Унгарија, Холандија, Луксембург, Франција и Италија.

Од досегашната пракса на Фондот во Скопје, годишно се издаваат повеќе од стотина двојазични обрасци, а на територијата на цела Македонија над 700. На веб-страницата на Фондот за здравствено осигурување има објаснување за што е наменет двојазичниот образец. Според нив тој е наменет за користење на здравствени услуги во странство во случај на стручно усовршување, школување, службено или приватно патување (туристички, посета) и слично, со држави со кои има договор за социјално осигурување.

-Правото на користење на здравствени услуги во странство во случај на стручно усовршување, школување, службено или приватно патување (туристички, посета) се остварува на основа на двојазичен образец, потврда, што ја издава подрачната служба на ФЗОРСМ, каде што е поднесена пријавата за задолжително здравствено осигурување – информираат од Фондот и дополнуваат дека постапката како и потребните документи за издавање на двојазичниот образец.

Оваа потврда за остварување на право на здравствени услуги се користи доколку дојдете во итна ситуација да ви треба лекарска услуга, евентуална хоспитализација во една од овие 18 држави,при што може да се лекувате на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).

Од искуството на лекарите најчесто за време на летните одмори, може да бидат актуелни разни болести како што се: висока температура, стомачни тегоби, убод од инсекти, алергија, хипертензија, мозочен удар, скршеници и слично. Но, за да ја добие регуларно оваа услуга, македонскиот граѓанин треба пред да замине во странство, да аплицира до Фондот за двојазичен образец. Образецот е бесплатен, а пред патувањето, осигуреното лице треба до службата на Фондот да поднесе пријава за задолжително здравствено осигурување, како и пополнето барање за издавање двојазичен образец за една од наведените земји. Сите потребни информации граѓаните може да ги најдат на официјалниот сајт на оваа установа.

– Кон барањето се приложува и потврда за здравствената состојба издадена од матичниот лекар, а за жените и девојчињата постари од 12 години потврда од матичниот гинеколог дека немаат хронична болест. Бремените жени само до осмиот месец од бременоста можат да добијат потврда од гинеколог. Пред издавање на образецот, неопходно е и позитивно мислење на Лекарската комисија при Фондот дека лицето нема хронично заболување, а таа се добива за еден ден – објаснуваат од Фондот и додаваат дека хроничните болести како дијабетес, срцеви болести не се лекуваат со двојазичен образец и Фондот не ги признава трошоците за редовните терапии.

Двојазичниот образец во пракса служи како привремена здравствена легитимација во земјата каде што се патува и со него осигуреното лице се изедначува во однос на правата и обврските со осигурените лица на државата во која престојува. Токму од овие причини од Фондот им препорачуваат на македонските граѓани кои немаат навика кога патуваат во странство да си обезбедат двојазичен образец, да го сторат тоа оти предност е што со меѓународните договори за здравствено осигурување, нашиот осигуреник се изедначува со правата на осигуреникот во земјата каде што престојува и се лекува по цени како во таа држава, а во некои земји се плаќа и партиципација.

Фондот сè уште нема ваков договор со Грција. Најголемиот број Македонци летуваат во оваа соседна земја и користат патничко осигурување. Во итни случаи тие си ги плаќаат трошоците за лекување, а потоа со фискалната сметка, преку Фондот, следува рефундација на парите. Најчесто  туристичките агенции, при понудата на своите аранжмани, ги потсетуваат граѓаните дека треба да се снабдат и со ваков вид патничко осигурување, кое го издаваат осигурителните компании. Од пред неколку години, бубрежно болните лица може да си дозволат патување во странство, бидејќи Фондот им признава 10 дијализи во годината. За секоја анализа се признаваат трошоци од нешто помалку од 5.000 денари, а остатокот си го плаќа пациентот.    

(В.Ма.)