Бесплатен престој и исхрана во градинките во Карпош  

199

Советниците на Општина Карпош, на седницата в среда, ќе ја разгледуваат иницијативата на советничката Ивана Стоилковска од партијата Левица – престојот и исхраната на децата во градинките „Орце Николов“, „Мајски цвет“, „Распеана младост“ и „Пролет“ да бидат ослободени од партиципација.

Како што се наведува во иницијативата, со престојот во градинките се создаваат предуслови за сите нивни подоцнежни успеси во образованието, социјалната интеграција, работливоста.

– Градинките немаат само згрижувачка улога туку, исто така како и основното образование, имаат и воспитно-образовна и спортско-рекреативна улога, преземајќи и културно-забавни активности и мерки за поттикнување на интелектуалниот, емоционалниот, физичкиот, менталниот и социјалниот развој на децата. Имајќи предвид дека основното образование согласно со Уставот е бесплатно, а ценејќи ја претходно наведената улога на градинката врз развојот на децата, по логика на нештата и овој дел од образованието треба да биде бесплатен – се наведува во иницијативата.

Притоа се нагласува дека надоместокот е дестимулирачки за голем број семејства од оваа општина и оневозможува голем број деца да посетуваат образовни активности од најмала возраст.

– На територијата на Општина Карпош живеат жители кои имаат релативно ниски примања, живеат со минимална плата и наша должност е на генерациите што доаѓаат да им обезбедиме подобра егзистенција и перспектива. Со тоа ќе ја надминеме бариерата во економските разлики и сите деца подеднакво ќе имаат стартна основа за вклучување во образованието уште од најмала возраст – стои во иницијативата.

(А.П.)