„Бескрај“ – концерт на виолинистката Албена Данаилова и Македонската филхармонија

53

На 21 декември, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Бескрај“, на кој како солистка ќе настапи бугарската виолинистка Албена Данаилова, а диригент е маестро Најден Тодоров од Бугарија. На програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур од Јоханес Брамс и Симфонијата во Де-мол од Цезар Франк.

Албена Данаилова е родена во Софија, во семејството на виолинистот Бојан Данаилов и пијанистката Виолета Попова. Tаа е првата жена што станала концерт-мајстор на познатата Виенска филхармонија, која важи за прилично конзервативна институција. Оваа позиција ја доби по аудицијата во 2008 година, односно по двегодишната работа во овој престижен светски оркестар. Данаилова има и успешна солистичка кариера, а воедно настапува и како камерен музичар. Редовно настапува во родната Бугарија, во Германија, Израел, САД. Од 2019 година работи и како професор по виолина на државниот универзитет во Виена.

Повеќе од три децении, Најден Тодоров достигнува нови врвови во разни жанрови и се наметнува како диригент на најпрестижните сцени во светот. Tој има диригирано на стотици симфониски концерти, оперски и балетски претстави во: Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Велика Британија, Романија, Србија, Република Македонија, Косово, Полска, Чешка, Словачка, Турција, Русија, Израел, Египет, Кина, Јужна Кореја, САД итн. Во 2019 година, по вторпат беше избран за музичар на годината, во 2020 година ја доби хуманитарната награда „Богдан Богданов“. Во септември 2022 година, ја доби и наградата за култура на Град Софија.