Берлинале: „Златна мечка“ за „Нема зло“, филмот забранет во Иран

99

Иранскиот филм „Нема зло“ (There Is No Evil) на режисерот Мухамед Расулоф ја освои наградата „Златна мечка“ за најдобар филм на 70. Меѓународен филмски фестивал во Берлин, соопшти претседателот на жирито Џереми Ајронс.

Филмот, кој низ четири приказни ги тематизира прашањата на смртната казна во Исламската Република, е забранет во земјата, а на режисерот не му беше дозволено да го напушти Иран за да ја прими наградата, пренесоа британските медиуми. Во негово име наградата ја прими неговата ќерка Баран.

Наградата на жирито „Сребрена мечка“, пак, ја доби американскиот филм „Никогаш ретко, понекогаш секогаш“ (Never Rarely Sometimes Always) на Елиза Хитман.

Јужнокорејскиот режисер Хонг Сансу за филмот „Жена што трча“(The Woman Who Ran) доби „Сребрена мечка“ за најдобра режија, германската актерка Паула Бер –  најдобра женска улога за филмот „Ундине“ (Undine) на Кристијан Пецолд, а во категоријата – машка главна улога награден беше италијанскиот актер Елио Џермано, за неговата ролја во филмот „Сакав да се скријам“ (Hidden Away).

„Сребрената мечка“ за најдобро сценарио ја добија браќата Фаби и Дамијан Д’ Иноченцо за филмот „Лоши приказни“ (Bad Tales).