БЕЛ КИТ ШПИОНИРАЛ ЗА РУСИЈА? Пронајден е мртов во залив во Норвешка, се испитува причината за смртта

912

Бел кит, осомничен дека шпионирал за Русија, е пронајден мртов во заливот Рисавика во јужна Норвешка, јави норвешката јавна телевизија НРК.

Мртвиот кит, кој не покажувал надворешни знаци на повреда, во саботата го пронашле татко и син рибари, а неговото тело било подигнато со кран и испратено до блиското пристаниште каде ќе се истражуваат причините за смртта.

Китот првпат беше забележан во Норвешка во близина на руските води во април 2019 година и носел појас со мала камера прикачена на него и клип на кој пишуваше „Опрема Санкт Петербург“, што поттикна гласини дека можеби е руски шпион, објави АП.

Китот тежел тон и 225 килограми и бил долг 4,2 метри. Експертите велат дека е познато дека руската морнарица тренирала китови за воени цели.

Со текот на годините, китот белуга е виден во неколку норвешки крајбрежни градови и брзо стана јасно дека е многу питом и дека ужива да си игра со луѓе, наведува НРК.