Беловска: Одлуките на Уставниот суд се конечни и треба да се почитуваат, но Собранието може да направи законски измени

14

Одлуките на Уставниот суд се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа овие одлуки не забрануваат законодавецот, односно Собранието да направи законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е да изврши оцена дали законите се во согласност со Уставот, изјави портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

За реакциите во јавноста по донесената одлука со која се зголемуваат платите на функционерите, Беловска рече дека од Уставниот суд едноставно се барало оцена на уставноста на членовите 4 и членот 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите.

– Уставниот суд оцени дека постои неусогласеност со Уставот, односно дека се повредува владеењето на правото, затоа што во истиот закон постоеше двојство, контрадикторни одредби кои доведуваа до нејасна и збунувачка примена. Членот 4 и членот 1, кои сега се веќе укинати, предвидуваа фиксна основица од 26 755 денари, додека, од друга страна, членот 11 предвидува дека пресметката на плата се прави според множење на коефициентот со просечната плата што била исплатена во текот на минатата година – изјави Беловска.

Во однос на тоа зошто не е укинат членот 11, туку членовите 4 и 1, Беловска рече дека тој член не бил оспорен, туку единствено биле оспорени двата члена што се укинати, како и дека членот 11 е основен и ниту еднаш досега не бил менуван, за разлика од членот 4 и членот 1, кај кои во минатото е интервенирано 15 пати.

Со објавувањето на одлуката во „Службен весник“ на 23 март, таа е конечна и оттогаш почнуваат пресметките по членот 11, кои, како што посочи Беловска, важат и за платите на уставните судии.

– Се разбира, тука се опфатени и уставните судии, затоа што тие се избрани во Собранието. Меѓутоа, Уставниот суд е единствениот орган на државата кој има надлежност да одлучува по вакви прашања и затоа и тука беше поставено тоа прашање и тука беше одлучено – изјави Беловска.

Во врска времетраењето на постапката, Беловска рече дека е поднесена во ноември 2022 година и предметот е решен за четири месеци, што не е исклучок, со оглед дека просекот на времетраење на една постапка пред Уставен во 2022 година бил четири месеци.

– Очигледно, во сите изминати години ова прашање не било поставено. Првпат се поднесува како иницијатива до Уставниот суд од страна на адвокат, кој претходно има оспорувано и други закони – изјави Беловска.