На малата сцена на Македонскиот народен театар вечерва претпремиерно беше одиграна претставата „Бели ноќи“ според делото на Ф.М. Достоевски, а во адаптација и режија на Звездана Ангеловска.

Премиерата на оваа претстава во која главните улоги, поточно двајцата уметници сонувачи, одлично ги претставија Дамјан Цветановски и Ана Јовановска, публиката ќе има можност да ја види на 17 октомври (20 ч.), а веќе наредниот ден и репризата.

Како што вели режисерката Ангеловска „заробени со своите биографии во реалните животи, како што обично тоа се нарекува и судбинско определување на текот на настаните, тие двајцата, се сретнуваат, во текот на неколку вечери, додека траат белите ноќи во Петербург. Во текот на тие средби, Сонувачот, кој е и вистински уметник и на кого светот на музиката е неговата лулка и неговата најголема слобода, го отвора прашањето за, сонување, на животот, онаков каков што би требало да биде, според него. Тој го поттикнува нивното, заедничко сонување, со Настењка, која заради многубројните, забрани, низ животот, пак, најслободно се чувствува додека танцува, особено што има 18 години. Тие двајцата, се доверуваат и се препуштаат на сонувањето, во текот на тие средби, без разлика што околностите се заплеткани, особено кога станува збор за љубовта или за идеалната љубов…“

И токму тој краток миг на среќа меѓу двајца сонувачи, кој останува да се памети цел живот, но и сета тага и надежите вткаени во нивната сосема случајна средба, беа распослани пред публиката која со бурен аплауз ја награди играта на Цветановски и Јовановска.

Сценограф на претставата е Мартин Манев, а музиката е на Марјан Неќак.