Граѓаните кои со месеци го бранат хотелот, за кој велат дека ја доживеал судбината на државата чие име го носи и не даваат да го снема од белградскиот пејзаж, сега протестираат со маски поради азбестот, противпожарен изолационен материјал, чија употреба во ЕУ е забранета од 2005, а во Србија од 2007 година. Да, во опасност се – и граѓаните и животната средина, смета Дејан Бојовиќ, дипломиран инженер кој претходните денови изнесе тврдење дека со уривањето на хотелот од шутот ќе се ослободи најмалку еден тон азбест. Инвеститорот, пак, тврди дека при подготовката на техничката документација објектот е темелно прегледан при што не е утврдено присуство на азбест или други опасни материјали
„Милениум тим“, фирмата која во март годинава го купи белградскиот хотел „Југославија“, почна со уривањето на објектот, на чие место треба да изгради модерен станбено-деловен комплекс, чиј дел ќе биде и хотел, но помал од грандиозниот кој сега се претвора во урнатина.
Со првите багери што удрија на „Југославија“ се отворија и нови прашања, а едно до нив, како што пишува Н1, е дали правот што се дигна околу хотелот ќе го загрози здравјето на граѓаните. Белграѓани деновиве протестираат пред хотелот, па дури и лежат пред багерите, плашејќи се дека од шутот ќе се ослободат канцерогени честички азбест.
Граѓаните кои со месеци го бранат хотелот, за кој велат дека ја доживеал судбината на државата чие име го носи и не даваат да го снема од белградскиот пејзаж, сега протестираат со маски поради азбестот, противпожарен изолационен материјал чија употреба во ЕУ е забранета од 2005, а во Србија од 2007 година.
-Ние самите се обидовме колку што е во наша моќ да истражиме. Во архивот се пронајдени документи – проектна книга на хотелот „Југославија“, каде што пишува дека е користено големо количество огноотпорен материјал. Огноотпорен материјал кој се користел тие години е и азбестот. Ние дојдовме да поставиме прашање, загрижени, бидејќи ништо не е транспарентно: дали сме во опасност, вели еден од активистите кои протестираат пред хотелот.
Да, во опасност се – и граѓаните и животната средина, смета Дејан Бојовиќ, дипломиран инженер кој претходните денови изнесе тврдење дека при уривањето на хотелот од шутот ќе се ослободи најмалку еден тон азбест.
„Милениум тим“ вчера тоа го демантира.
-При подготовката на техничката документација објектот е темелно прегледан при што не е утврдено присуство на азбест или други опасни материјали, наведува компанијата.
Сепак, активистите обрнуваат внимание на тоа дека ова рушење се врши без дозвола и надвор од прописите, а такви сомнежи има и струката.
-Врз основа на достапните снимки од уривањето на хотелот се чини дека не се спроведува процес на селективно рушење и прашање е, ако така продолжи, дали ќе може да се изврши раздвојување на тој материјал на градилиштето и дали ќе може повторно да се употреби, да се рециклира или ќе заврши на некоја депонија како инертен отпад, вели д-р Јелена Царевиќ од Градежниот факултет.
Но, рушењето е во тек, па до Нова година не треба да остане ниту трага од некогаш најголемиот и најлуксузниот хотел во поранешна Југославија, а според некои и во Европа. Откако летоска се исфрли инвентарот, сега ги снемува и ѕидовите. Според инвеститорот на комплексот што ќе никне на негово место, од хотелот ќе се задржи само лустерот кој своевремено влезе во Гинисовата книга на рекорди како најголем во светот. Лустерот долг 30 метри, широк пет и тежок 14 тони „Сваровски“ бил креиран специјално за овој хотел. Во него се вградени 40.000 сваровски кристали и 5.000 светилки.
Постарите белграѓани кои се сеќаваат на сјајот на хотелот во кој некогаш престојувале Џими Картер, Ричард Никсон, Елизабета Втора, Нил Армстронг, Баз Олдрин, Тина Тарнер и многу други, жалат за него и долго време протестираат по најавата дека е продаден и ќе се срамни со земја, зашто сметаат дека сè уште не го отслужил своето. Но, хотелот долго време не беше во функција. Со искршен инвентар, кабли што висат од таванот, под прекриен со ѓубре долго време беше место кое сите го заобиколуваа. Во мај 1999 година беше погоден со два проектила за време на НАТО бомбардирањето на Белград. Подоцна Заводот за заштита на спомениците го избриша од евиденцијата на имотот кој е под заштита, бидејќи било утврдено дека при бомбардирањето бил тешко оштетен, а проверките покажале дека му е нарушена стабилноста.