Многу предизвици во реално скратен период на претседавање на Кралството Белгија со Советот на Европската Унија, поради кампањата и Европските избори закажани за јуни, како и изборите во земјата претседавач во истиот месец. Во однос на проширувањето, кое ја засега Македонија, белгискиот премиер Александар де Кроа и министерката за надворешни работи, Хаџа Лабиб, најавија дека приемот на нови членки на ЕУ останува во фокусот на белгиското претседателство, кое постави три приоритети за следните шест месеци: заштита на европските граѓани, зајакнување на европската економија и подготовка за заедничката иднина, каде што спаѓа и прашањето за евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, која исто така оваа година има двојни претседателски и парламентарни избори, а врз свој грб го носи притисокот од меѓународната заедница за носење на уставните измени.
Но, тешко е да се очекува дека за време на белгиското претседателство земјава може да направи чекор напред кон Унијата, кој е условен со промената на Уставот за кој сè уште актуелниот парламентарен состав не се обезбеди поддршка од неопходното двотретинско мнозинство. Властите во земјава, сепак, и понатаму се оптимисти дека оваа година може да се направи напредок кон стратешката цел. Такво очекување изрази и премиерот Димитар Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните.
-Европскиот пат на кој сме тргнати, е започнат, и не застанува. Мора да гледаме напред, мора да се движиме напред. Токму европскиот пат ќе донесе развој и подобро утре. А сигурен сум и Ве уверувам дека ќе има подобро утре. Оптимизмот кој го споделувам со Вас, е изграден на реални основи, затоа што знам, дека сè што треба, заеднички ќе го направиме. Оваа држава има луѓе кои имаат и храброст, и енергија длабоко во себе, кои ќе го изодат тој пат и кои ќе остават подобра земја за своите деца, за сегашните и за идните генерации. На крајот на овој европски пат е големата награда, членството во Европската Унија, порача Ковачевски.
И вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ во новогодишната честитка рече дека водечка мотивација во претстојната година ќе биде да се стави крај на неизвесноста по однос на продолжувањето на преговорите со Европската Унија.
-Отворањето на поглавјата ќе ни донесе нивно заокружување за околу четири години и потоа официјално членство во ЕУ, најдоцна до 2030 година. Тоа е нашиот заеднички пат кој ни носи сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата. Ние веруваме дека судбината на Европејците, а тоа сме и ние Македонците и на сите граѓани, е испреплетена и дека Европската Унија е нашата иднина за која вреди да се бориме. Ако 2023 година беше година на успешен скрининг, 2024 година нека биде година на обновен политички консензус за Европската Унија. Членството во ЕУ многу ни значи и многу вреди. Затоа треба со заеднички консензус и обединување околу евроинтеграциите, да ги направиме и уставните измени, рече Маричиќ.
Белгија официјално го презеде претседавањето со ЕУ од 1 јануари 2024 година од Шпанија и со него ќе раководи до јули, кога на таа позиција ќе биде заменета од Унгарија. Ова претседавање носи и симболична порака дека кормилото на Унијата се враќа во „срцето на Европа“. Овие шест месеци ќе бидат под големо влијание на институционалната транзиција, имајќи предвид дека привршуваат мандатите на Европскиот парламент и на Европската комисија, па некои од познатите европски функционери можеби за последен пат ќе ги видиме на нивните досегашни позиции.
Белгискиот премиер Де Кро рече дека претседателството „ќе им даде приоритет на внатрешните реформи кои се неопходни за да се одржи функционална унија и да се овозможи решителна акција во интерес на нашите Европејци“. Тој истакна и дека Унијата ќе мора да се реформира – нејзината политика, нејзините буџети и институции, како и во однос на можното идно проширување на блокот кон Исток и Западен Балкан.
И покрај фактот дека белгиското претседавање со ЕУ ќе мора да ги менаџира и „домашните задачи“ во Унијата и националните избори, шефицата на дипломатијата на земјата, Хаџа Лабиб, тврди дека ова нема да претставува проблем, бидејќи такви случаи имало и за време на претседавањата со ЕУ и на некои други држави членки.
– И други претседателства пред нас се соочија со слични околности, како Франција во 2022 година или сега Шпанија. Тоа не ги спречи да ги одработат нивните претседателства, изјави Лабиб.
Белгија ќе мора особено да внимава и да ја подготви Унијата, бидејќи по неа претседавањето со ЕУ го презема Унгарија, кој е предводена од евроскептичниот премиер Виктор Орбан.