Белгија забранува видливо изложување на тутунски производи во продавниците

70

Во Белгија, од 1 април 2025 година, цигарите, класичните и електронските, како и додатоците за правење цигари повеќе нема да смеат да бидат видливо изложени во продавниците, а сопствениците кои ќе ја прекршат оваа одредба ќе се соочат со високи казни.

За прекршување на забраната е предвидена парична казна од 2.000 до 800.000 евра, а можна е и затворска казна до една година, пренесе агенцијата Белга.

Според Федералната служба за јавно здравје, одлуката се однесува на цигари, пури, електронски цигари, како и филтри и хартија за виткање цигари. Намерата на Владата е да го направи пушењето помалку привлечно, особено за младите.

Исто така, пушењето ќе биде забрането на уште повеќе места од 2025 година, како дел од владината кампања за негово искоренување.

ВапБел (VapBel), белгиската федерација на трговци на мало на електронски цигари, или таканаречените вап цигари, го изрази своето разочарување од одлуката на владата.

ВапБел изјави дека специјализираните продавници имаат своја улога, бидејќи тие ефикасно ја проверуваат возраста на клиентите и ги информираат возрасните пушачи за производите на вап, како средство за да се откажат од пушењето.

Таа федерација ги повика властите да направат исклучок кога станува збор за специјализирани продавници за електронски цигари, а тоа го препорача и научното советодавно тело Високиот здравствен совет.