Бела куќа: Иран се подготвува да го нападне Израел со балистички ракети

304

Висок функционер на Белата куќа денеска изјави дека САД веруваат дека Иран се подготвува „наскоро да изврши напад со балистички ракети врз Израел“.

„САД имаат индикации дека Иран се подготвува наскоро да изврши балистички ракетен напад врз Израел. Ние активно ги поддржуваме подготовките за одбрана на Израел од тој напад. Директен воен напад врз Израел ќе има тешки последици за Иран“, рече тој, според Си-Ен-Ен.

САД се подготвени да направат се што можат за да му помогнат на Израел да пресретне какви било проектили од Иран, изјави американски претставник за Си-Ен-Ен.

Тој рече дека овие напори ќе бидат слични на оние во април, кога Иран лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, но огромното мнозинство беа успешно пресретнати.

Засега не е познато каков размер на напад очекува Америка сега.

Веднаш по изјавата на американскиот функционер, израелската војска објави дека досега не идентификувала никаква закана од Иран.

„Во овој момент, Израел не гледа непосредна закана од Иран“, рече портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари.

Тој во видео порака рече дека израелските воени авиони моментално го „скенираат небото“ во потрага по каква било непосредна закана од Иран.

„Ние сме во максимална готовност и офанзивно и одбранбено“, додаде Хагари, предупредувајќи го Иран дека секој напад врз Израел „ќе има последици“.