Белата куќа ги блокираше новите упатства од Управата за храна и лекови за пласирање на пазарот на потенцијални вакцини против Ковид-19, кои речиси сигурно би спречиле нивна употреба пред претседателските избори.
Според новите насоки на американската Управа за храна и лекови (ФДА), клиничките испитувања на компаниите кои работат на развој на вакцини против Ковид-19 треба да траат најмалку два месеци, со цел да се утврди нивната безбедност пред да се побара одобрение за итна употреба.
Висок официјален претставник го потврди потегот, за кој прво информира Њујорк Тајмс и рече дека Белата куќа верува оти не постои „клиничка или медицинска причина“ за тоа дополнително барање.
Ова е последен во низата примери за поткопување на напорите на здравствените експерти во борбата против пандемијата, поради која досега починаа повеќе од 210.000 Американци, коментираат американските медиуми.
Управата за храна и лекови (ФДА) со недели се обидува да ја зајакне довербата на јавноста во ревизијата на упатствата за потенцијални вакцини.
ФДА истакнува дека научниците, а не политичарите, ќе утврдат дали вакцините се безбедни и ефикасни за масовна употреба.
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп постојано инсистира на тоа дека вакцините треба да бидат одобрени пред изборите, иако врвните владини научници кои работат на напорите на администрацијата во врска со вакцината, изјавија дека е мала веројатноста такво нешто да се случи.
Администрацијата за храна и лекови забележува дека итно одобрување за употреба на вакцината може да се издаде пред крајот на годината.
Упатствата блокирани од Белата куќа се низа необврзувачки документи кои ФДА рутински ги користи за да ги советува компаниите за истражувањата и регулаторните стандарди за медицински производи.