По неизвесноста дали ќе се договориме околу цената на струјата, која е договорена со Бугарија, од Владата тргнаа во потрага по нови пазари за набавка на електрична енергија и на гас. Турција е следната дестинација каде што ќе се бараат гас и струја. Министерот за економија Крешник Бектеши е оптимист дека ќе се постигне договор со Бугарија околу цената на струјата, а во Истанбул ќе се разговара со компанија што врши пренос на гас за да се види дали има можност оттаму да се обезбедат потребните енергенси за претстојната зима. Во однос на разговорите со Турција, како што рече, ако има нешто конкретно, ќе информира кога ќе се врати.
– Разговорите за цената за набавка на струја од Бугарија не се завршени. Гледам добра волја за постигнување договор што ќе биде во корист на двете земји. Зборуваме за технички работи, за заеднички да се справиме со енергетската криза. Политикантството е оставено настрана. В четврток заминуваме за Турција. Ќе се разговара, главно, во секторот енергетика. Дали ќе има нешто конкретно, ќе информираме откако ќе се вратиме – изјави Бектеши.
Македонија, нагласи министерот, никогаш не побарала да плати електрична енергија по цена на берзата.
– Веќе имаме договор со Грција, со Бугарија, со Србија и со Косово да нема застој во делот на пограничните капацитети, што значи дека берзите се отворени и такви шпекулации во однос на тоа дека ќе има намалување за 15, 20, 30 отсто од берзанската цена се невистини. Разговарав со Стопанската комора, ние ги знаеме нивните очекувања и преговорите ги водиме согласно со очекувањата на компаниите што се на слободниот пазар, и во делот на количините и во делот на цената. Што се однесува на тоа што е проблемот и зошто досега немаме договор со Бугарија, веќе се најавени одредени мерки од Европската комисија, што треба да ги реализира и Бугарија како членка на ЕУ. Чекаме кои ќе бидат мерките усогласени целосно со Европската комисија, со цел нашиот потенцијален договор да не се коси со таквите мерки – рече Бектеши.
Тој потсети на најавата од Европската комисија дека може да има замрзнување на цената на електричната енергија од 180 евра и порача, алудирајќи на опозицијата, да не се создава паника и да не се лиферуваат погрешни информации.
– Кој би потпишал договор од страна на Владата кога самата Европска комисија може да донесе одлука за замрзнување на цената на електричната енергија од 180 евра? Далеку се пониски цените што ги бараме ние и тоа што е пренесено во јавноста. Ако се донесе да нема поголема цена од 180 евра во наредниот период во делот на електричната енергија во рамки на ЕУ, како може цената да биде 400 евра, која би можеле да ја договараме ние? Тоа е вон логика! Имаше такви најави претходната недела, имаше такви предлози од Фон дер Лајен. Секако, ние ги следиме тие случувања и ќе бидеме дел од тие мерки што ќе ги носи Европската комисија. Многу важно е да се наведе тоа, а дополнително на тоа, ние ги знаеме очекувањата на нашето стопанство што е на слободниот пазар – истакна Бектеши.
Министерот информира и дека нема најава за забрана за протокот на природен гас во земјава. Трговците, напомена, редовно ги снабдуваат индустриските капацитети со гас.
– Немам информација дека е запрен гасот за Северна Македонија. Имаме трговци што редовно ги снабдуваат индустриските капацитети и другите потрошувачи со гас. Немаме никаква најава за забрана за проток на природен гас од интерконекторот што го имаме со Република Бугарија – рече Бектеши.