Бектеши: Не е точно дека се отпуштени 15.000 работници, угостителите веќе ги користат мерките од Владата

127

Укажувањата на угостителите дека не ги користат мерките од Владата за помош на овој сектор не се точни, бидејќи од Развојната банка добивме информации дека постои голем интерес на компаниите од овој сектор за користење на бескаматните кредити, изјави министерот за економја, Крешник Бектеши.

-Од почетокот на кризата токму Владата и Министерството за економија ги презентираше првите мерки кои беа наменети за угостителите и туристите како директно погодени. Во првиот пакет за овие фирми имаше бескаматни кредити и субвенционирани придонесе, а во вториот пакет и дополнителни средства за исплата на минимална плата од 14.500 денари по вработен, изјави Бектеши и додаде дека токму барањето за обезбедување средства за исплата на минимална плата било клучно за задржување на вработените во овој сектор.

Тој додаде дека очекува од стопанските комори до кој овие компании ги доставуваат своите барања подобрување на критериумите за субвенционирање на овој сектор. Според Бектеши, треба да се субвенционираат вистинските угостители кои ги подмируваат обврските кон државата, а не оние кои работат на црно и избегнуваат плаќање на обврските.

Според Бектеши, не е вистина дека од работа се отпуштени 15.000 вработени бидејќи компаниите веќе побарале средства за исплата на минимална плата.

-Угостителите преку нивните комори да предложат мерки и да учествуваат во реализирање на истите. Многу е јасно дека сите по нешто ќе изгубиме од кризата, државата, вработените од платите, угостителите од профитот, но важно е да го пребродиме овој период, додаде Бектеши.