Не верувам дека оваа година ќе има поскапување на струјата, изјави синоќа министерот за економија, Крешник Бектеши на гостувањето во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма.
Тој истакна дека се прават анализи внатре во институциите и во делот на производството во ЕСМ, кое е најниско во последниве години.
– Стојам на ставот што го кажа премиерот. Ние ќе најдеме соодветни механизми кои веќе се обработуваат во склоп на институциите се со цел да нема зголемување на електричната енергија, рече Бектеши, додавајќи дека ова не се прави заради престојните избори, туку поради тоа што граѓаните поминаа низ една криза и очекуваат да нема зголемување на цената на струјата.
Во однос на мерките, Бектеши најави дека сите шест пакети мерки ќе бидат целосно реализирани. Повтори дека мерка за директна финансиска поддршка за исплата на плати нема да има, со оглед на тоа што скоро сите дејности работат без ограничувања.
Потенцираше дека на почетокот на годинава реализацијата на првите четири сета мерки била 82 проценти, но, како што подвлече, имало одредени законски решенија кои што биле блокирани во Собранието.
– Петтиот пакет се реализира согласно предвидената динамика, а веќе се објавени сите јавни повици од шестиот сет мерки што го донесовме како резултат на одлуката на Владата за целосно затварање на угостителските објекти. Очекувам дека сите компании кои аплицирале за мерките од шестиот сет и ги исполниле условите да ја добијат финансиската поддршка за две до три недели, рече Бектеши.
При крај се и измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиците кој има за цел да им излезе во пресрет на компаниите кои инвестирале во време на ковид или дополнително ќе инвестираат во пост-ковид периодот.
– Ќе ги намалиме критериумите, за компаниите дополнително да можат да инвестираат и да создадат нови работни места, а предвидена е мерка за сите кои ќе ги зголемат платите. Предвидена е и мерка за инвеститори од дијаспората кои ќе добијат дополнителни 15 проценти финансиска поддршка, рече Бектеши.