Македонскиот пазар да не им биде резервен на трговците со овошје и зеленчук во снабдувањето со овие продукти, порача министерот за економија Крешник Бектеши, предупредувајќи дека ќе предложи целосно укинување на увозните давачки за земјоделските производи доколку продолжи дополнително да се зголемува извозот, наместо да се пласира на домашниот пазар.
-Ако се прави спротивното, како Министерство за економија до Владата нема да предлагаме намалување на одреден процент, туку целосно укинување на увозните давачки за земјоделските производи зашто наша цел е да го заштитиме животниот стандард на граѓаните. Тоа би го направиле со такви одлуки ако во случај се зголеми извозот на производи што е за пласман на македонскиот пазар, изјави Бектеши.
Анализата на Министерството за економија за реализацијата на мерките за намалување и замрзнување на цените на прехранбените производи и нивното влијание, како што соопшти, покажала дека заштедата на домаќинствата без мерките за пијалаците изнесува 2.070 денари.
-Споредено од 1 август цените во малопродажба и тие на 20 септември речиси секое домаќинство во државава има заштеда од 2.070 денари од сите производи за кои има замрзната цена.
Тука не влегуваат пијалаците, со кои согласно нашите проекции заштедата би достигнала 2.400 до 2.500 денари, изјави Бектеши.