Безобразна провокациja: Се нудат по 300 евра на семејства во Македонија што ќе го променат презимето!

Бугарската фондација „Македонија“ на контроверзниот Виктор Стојанов, кој е прогласен во земјава за персона нон грата, објави повик на Фејсбук, каде што нуди по 300 евра за македонските граѓани што ќе го променат презимето на „ов“ или „ев”. Оваа вербална провокација со која директно се повикува на асимилација на македонските граѓани, е една во низата бугарски активности за негирање на македонските национални особености, какви што имаше во изминатиов период

1031

Виктор Стојанов од бугарската фондација „Македонија“, кој е прогласен за персона нон грата и му е забранет влез во Македонија, продолжува со своите провокативни објави насочени кон нашава земја и нејзините граѓани. Во најновиот статус објавен на Фејсбук, тој ги повикува граѓаните од Македонија да го променат презимето на „ски“, нудејќи им пари во висина од 300 евра.

– Кампања за жителите на Северна Македонија со бугарско потекло: Вратете го вашето презиме во ов/ев и добијте 300 евра! Контактирајте ја Фондацијата Македонија – пишува Стојанов во објавата.

Во својата објава, Стојанов додава дека македонските граѓани треба да ја контактираат бугарската фондација.

Виктор Стојанов е познат во јавноста со своите активности на делење книги и подароци и со други провокации, но тие досега немаа забележлив успех.

Но, оваа седмица, внимание во јавноста предизвикаа и наводите за активностите на некои од бугарските клубови во земјава што, во меѓувреме, беа затворени. Во понеделникот, пејачот Ламбе Алабаковски, кој лани ја опожари вратата на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, се пожали во судница дека добива смртни закани во пораки на социјалните мрежи од профили на бугарски граѓани, но и од Македонци што се декларираат како Бугари. Тој го изјави ова во судница, како сведок на Обвинителството во судскиот процес против Љупчо Георгиевски, поранешен претседател на згаснатиот бугарски клуб, кому му се суди за предизвикување омраза и дискриминација кон македонскиот народ и придобивките од НОБ.

– Најчесто добивам директни пораки со смртна закана кон мене и кон моето семејство. И ден-денес ги добивам тие пораки – рече Ламбе Алабаковски.

 Провокации во континуитет

А, провокацијата на Стојанов од бугарската фондација „Македонија“, со која директно се повикува на активности за да се обезбеди промена на македонски презимиња, е само  еден во низата обиди за негирање на македонските национални особености што стигнуваат во изминатиов период од повеќе  страни, како од приватни бугарски организации така и од бугарски институции или политичари.

Во Пустец, Албанија, во текот на пописот, на македонските ученици им беа нудени книги на бугарски јазик. Тогаш жители на Пустец алармираа дека бугарските активисти се многу активни меѓу македонското малцинство во Албанија, обидувајќи се да ги натераат да се изјаснат на пописот како Бугари и дека се ветуваат и пасоши, стипендии, бесплатно школување во Бугарија, работа, таблети, телефони…

Во Пустец, претходно имаше и обид за отворање бугарски клуб на 24 мај, на Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј. Но, локалната власт на Пустец не дозволи да се отвори бугарски културен клуб, затоа што немало издадено дозвола за такво нешто.

Инаку, според законската регулатива во Албанија, учениците каде што е признаено македонското малцинство, имаат право на учење на мајчин јазик од прво до петто одделение, но треба сами да си ги набават учебниците. Во јавноста често се укажува дека политичките партии и бизнис- заедницата треба да им помогнат на децата од сиромашните краеви што немаат можност да дојдат до книги, за да им биде поблизок македонскиот јазик.

Во меѓувреме, од Македонија беа донираа 500 учебници на македонски јазик од прво до петто одделение по математика и по природни науки на околу 250 учениците од Пустец, Албанија, кои учат во двете основни училишта и во едно средно училиште. Прашина во јавноста се крена и за случајот во американската држава Мичиген околу  септемвриската прокламација со која се промовира македонскиот јазик и култура. Мичиген во септември донесе прокламација во која пишуваше дека е важно да се истакнат придонесот и културното влијание на македонските Американци за американската култура. Но, Бугарската заедница во Мичиген реагираше дека оваа прокламација ги прекршила клучните принципи на инклузивност и недискриминација врз кои била изградена американската демократија. Потоа септемвриската прокламација веќе не можеше да се најде на веб-страницата на гувернерката на Мичиген. Реферирајќи за повлекувањето на прокламацијата, бугарски високи официјални претставници наведоа  дека причината за тоа зошто било побарано да се повлече прокламацијата, била оти неколку изјави во неа биле непрецизни и проблематични, а не оти Бугарите биле против да се слави наследството на македонските Американци.

Оваа година, најголеми тензиите меѓу Софија и Скопје имаше на 4 февруари, на одбележувањето на 151. годишнина од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев

Годишнината од раѓањето на Гоце Делчев помина под силно полициско обезбедување, а на бугарските граѓани што сакаа да се поклонат пред гробот на револуционерот, не им беше дозволен влез во Македонија. Тројца бугарски граѓани беа приведени на граничниот премин Деве Баир, поради навредување на полицијата.

Бугарија го постави внесувањето на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав како услов за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ. Односите меѓу Македонија и Бугарија станаа тензични лани, кога бугарски политичари во Скопје тврдеа дека Македонија е бугарска земја. Тензиите се засилија по претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, по што бугарски граѓани ги искршија излозите на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

(М.С.)