Безживотни тела на осум кинески мигранти пронајдени на плажа во Мексико

83
Фото:пекселс

Телата на осум кинески државјани беа пронајдени во петокот на плажа во мексиканската држава Оахака, откако бродот со кој пловеа се преврте, соопштија официјални лица, пренесува Би-Би-Си.

Телата на кинеските државјани се пронајдени на рутата што ја користат илегални мигранти кои се обидуваат да стигнат до САД.

Седум жени и еден маж биле во чамец со кој управувал Мексиканец, кој тргнал во четвртокот од државата Чиапас, на границата со Гватемала.

Едно лице преживеа, јави Би-Би-Си, истакнувајќи дека не е познато што се случило со лицето кое управувало со чамецот.

Обвинителството во Оахака соопшти дека телата се пронајдени во близина на плажата во градот Плаја Висенте. Властите ги истражуваат причините за несреќата и соработуваат со кинеската амбасада во Мексико за да ги идентификуваат жртвите.

Бројот на мигранти кои се обидуваат да влезат во САД од Мексико се зголемува во последните години.

Повеќе од 6,3 милиони мигранти илегално влегле во САД од 2021 година. Многу мигранти бегаат од сиромаштијата и политичката нестабилност во нивните матични земји.