Бебе родено на евакуациски лет од Кабул именувано по американски авион

117

Бебето родено на американски воен лет за време на мисијата за евакуација од Авганистан го добило името по тој авион.

Девојчето е родено во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија и го добило името Рич, (Reach) по повикувачкиот знак на авионот, рече командантот на американските сили за Европа, Тод Волтерс, на брифинг во Пентагон, објави СиЕнЕн.

Знакот за повик на авионот се користи во радио комуникацијата со контролата на летање. Авионите Боинг Ц-17 што ги користат американските воздухопловни сили често го користат знакот за повик „Reach“, проследен со комбинација на броеви.

Командата на воздухопловните сили на САД викендов објави на Твитер дека една жена се породила за време на летот од Катар за Германија и дека имала компликации.

Нејзината состојба се подобрила откако авионот почнал да лета на помала надморска височина за да го зголеми притисокот на воздухот, што помогнало да се спаси животот на мајката.

„Како што можете и да замислите, како пилот на ловец, мојот сон е да го гледам ова мало дете по име Рич како расте и станува американски државјанин и лета во борбени авиони на Соединетите американски држави“, се пошегувал Волтерс.