Бајса Арифовска со своите емотивнo виртуозни етно-изведби на кавалот – Вечерва во „Македонската филхармонија“ исклучително музичко збиднување

85

Бајса Арифовска e од македонската музичка почва, а инаку е позната низ светот како една голема талентирана мултиинструметалистка. „Балканско виножито“ е најава за нејзиниот вечерашен концерт од 20 часот, на малата сала на „Македонската филхармонија“. На нашата Бајса, токму на 16 октомври, ќе ѝ се придружи и светски докажаниот инструменталист на кавал Недјалко Недјалков.

На ова музичко патување ќе му дадеме посебен простор на инструментот кавал, кој патем го среќаваме во поблиските балкански средини и кој по својата природа изобилува од палета на техники и звучен колорит. Наспроти мене ќе ги чуеме и изведбите од Недјалков, кој е солист во оркестарот на Бугарското национално радио. Неговиот стил се одликува со брилијантна виртуозност, слободна и флексибилна импровизација, а кои се несекојдневна можност за слушање, објаснува добро расположената Бајса Арифовска (Димитрова).

Всушност, публиката ќе ужива во музицирањето на овие двајца виртуози на кавал. Бајса со нејзините емотивни етно-изведби и Недјанков, кој со својот изведбен стил доловува чувствителност преку, понекогаш исклучително тешки манири на свирење, а кои создаваат чувство за пространство без стилови и жанрово ограничување.

Неговата виртуозност е светски докажана и по учеството на Недјалков во големиот концертен проект на Каталонецот Џорди Савал во Њујорк.

Дури и „Њујорк-тајмс“ пишува дека изведбата ги доловува звуците на растргнатиот Балкански Регион кој обединува многу јазици.

На овој важен концерт учествуваат и: Ивајло Димитров – (Р. Бугарија), Душко Георгиевски – вокален солист на народни песни, Дамир Имери – пијано и клавијатури, Иван Бејков – бас, Ратко Даутовски – перкусии, Емил Адамски – зурла и гајда, и секако самата таа Бајса Арифовска со кавал, тамбура, кларинет, ут, виолина. Музичкиот колаж од авторски и традиционални балкански творби создадени и обработени со оригинален и посовремен етно и етно-џез призвук, ќе бидат уникатно доживување низ призма на индивидуалното искуство и интерпретација на секој автор-инструменталист.