Пред неколку дена, каталонскиот гигант Барселона и американската компанија „Најк“ го продолжија спонзорскиот договор и соработката која трае повеќе од 20 години.
Договорено е новиот договор да трае до 2038 година, а Барселона од него ќе заработи огромна сума на пари. Тоа навистина им беше потребно на Каталонците за конечно да излезат од финансиската криза која трае веќе неколку години.
Барса во изминатите пет години се мачеше со финансиите, но тоа сега ќе биде минато. Договорот со „Најк“ ја враќа Барса на старите патеки на слава, особено кога се во прашање трансферите.
Каталонците сега без проблем ќе можат да донесат засилувања и да регистрираат нови играчи без да чекаат и да размислуваат како да го освежат буџетот за плати.
Шпанските медиуми велат дека Барселона нема да биде премногу активна во јануарскиот преоден рок и дека Жоан Лапорта и друштвото подготвуваат вистински спектакл за следното лето.
Барселона веќе има план да донесе неколку спектакуларни засилувања следното лето, а „Мундо Депортиво“ објави кој е на врвот на листата на желби на Ханси Флик.
Германскиот стручњак сака да го засили нападот кој изгледа одлично оваа сезона, но Германецот смета дека треба да се засилат крилните позиции и знае кои играчи би биле вистинските решенија.
Неофицијално, првите желби на Барселона следното лето ќе бидат Нико Вилијамс и Квича Кварацкелија и дека парите нема да бидат проблем Барса да ги донесе двајцата следното лето.
Вилијамс беше блиску до Барса и минатото лето, но реши да остане во Билбао уште една сезона. Сепак, желбата да заигра за Каталонците е голема, исто како и кај Квича.
Фабрицио Романо најави дека Деко веќе имал дополнителни разговори со овие играчи за да види дали се заинтересирани да дојдат во Барселона следното лето и е воодушевен од информацијата што ја добил.