Европската унија е отворена за можноста за постигнување договор со Велика Британија за нејзино истапување од ЕУ, кој би бил „поамбициозен“ од сегашниот, што во вторникот го отфрли британскиот Парламент, изјави главниот европски преговарач за Брегзит, Мишел Барние.
– Ако Британците велат дека сакаат поамбицизен договор, ние сме отворени за разговор, изјави синоќа Барние во Лисабон по средбата со португалскиот премиер Антонио Коста.
Коста, пак, од своја страна изјави дека сега, по одбивањето на договорот од страна на Парламентот во Лондон, „следниот чекор не зависи од ЕУ или од Барние, туку од Велика Британија“.
Барние, претходно на средба со членови на португалскиот Парламент, изјави дека е ЕУ ќе усвои план за „непредвидливи ситуации“, со цел да може да се справи со евентуалниот Брегзит без договор.
– Доколку не постигнеме договор, ќе спроведеме мерки за непредвидливи ситуации. Но, тоа ќе биде многу тешко и ќе биде спроведено во клима на недоворба. Најдобро решение е постигнување на договор, додаде Барние.
Отфрлањето на договорот за Брегзит што лани во ноември го постигнаа Владата во Лондон и Брисел, од страна на британскиот Парламент, ги зголеми стравувањата од истапување на Велика Британија од ЕУ на 29 март без договор, што ги натера двете страни да бараат нови алтернативни решенија за „разводот“.