Барањето за одземање на имунитетот на Вељаноски стигна во Собрание, Џафери го врати назад

47

Поради повикување на погрешен член од законот, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери го врати до Кривичниот суд барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељаноски.
Откако ќе стигне новото барање, Џафери треба да го достави до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот. Со Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања претседава пратеникот Павле Богоевски.

По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски во средата попладне беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.
Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.

Неизвесно е дали на седницата на собраниската комисија на дневен ред ќе се најде и барањето за одземање на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски, кое беше доставено пред 20 дена, а и покрај деловнички предвидените рокови за него подолг период не се одлучува.