Се чека одговор од банките за тоа по која каматна стапка ќе се врши распределбата на 250 милиони евра од унгарскиот кредит, наменети за поддршка на бизнисот. Економските експерти се согласни дека банките имаат трошок и кредитен ризик и оти треба да им се признае дел од трошокот. Но сметаат дека мора да се најде заедничко решение во интерес на бизнисот и економијата. Главните точки на преговорите се висината на каматните стапки и трошоците поврзани со овој кредит. Во однос на рокот за отплата, Владата и банките се договорија дека тој ќе изнесува до 15 години, со можност за грејс период од три години. Ова ќе дозволи поголема флексибилност за фирмите кои ќе ги користат овие средства, иако ова беше една од пречките во првичните преговори, бидејќи банките обично нудат рокови од 7 до 10 години. Банките неофицијално сакаат да наплатат над 3 отсто трошок, што би ја зголемило каматната стапка на речиси 6,5 отсто. Ова се чини како значителен товар за бизнисите, па затоа ќе биде клучно дали Владата ќе се согласи на овие услови или ќе се обиде да ги намали трошоците. Премиерот Христијан Мицкоски очекува крајот на оваа или почетокот на следната недела конечно да бидат прецизираат условите во однос на каматите и парите да бидат ставени во функција.
-Добро е да се признае дел од трошокот на банките и ризикот за пласман на средствата, односно тие треба да имаат покритие за ризикот и трошоците. Од друга страна не е добро да се одложува распределбата на парите и да се кочат можностите за инвестиции на компаниите. Банките треба да имаат општествена одговорност и да го поддржат развојот, бидејќи и на нив им одговара тоа. Банките и покрај тоа што се приватни компании и целта им е профитот тие се дел од државата и не можат да стојат настрана, изјави за весникот ВЕЧЕР, Јован Пејковски универзитетски професор.
Тој смета дека ќе се постигне договор за распределба на парите од унгарскиот кредит, бидејќи тоа е од интерес за сите.
-Државата со овој кредит внесува инфузија во стопанството и на тој начин сака да го придвижи обртот на парите и економскиот развој. Компаниите имаат шанса да искористат кредит под поволни услови. Тие ќе инвестираат во развој, нови работни места, креирање на нова додадена вредност и ќе остваруваат поголем профит што е добро и за граѓаните и за економијата. И банките треба да го видат својот интерес, бидејќи и ним повеќе им одговара капиталот да се движи и сите да остваруваат профит, отколку да мирува, појаснува Пејковски.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов смета дека сите банки нема да прифатат да ги пласираат парите од унгарскиот кредит.
– Сите банки нема да прифатат да ги пласираат парите од заемот, само некои од помалите банки. Банките имаат доволно свои пари за пласирање и поради тоа не им требаат дополнителни пари. Затоа одбиваат да ги прифатат парите од унгарскиот кредит. Банките имаат трошоци за пласман на средствата и ризик-фактори и затоа не е едноставно да се донесе решение. Не ги жалам банките, тие се профитабилни, но мора да си го покријат трошокот. Едно е општествена одговорност, друго е трошок. На пример зошто фризерот би ви правел фризура за општествена одговорност или за пари, изјави за весникот ВЕЧЕР, универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Во меѓувреме, комуникацијата на Владата со банките продолжува. Се очекува од нивна страна да се произнесат во однос на каматната стапка и нивната можност таа да биде на пониско ниво и од 3,25 отсто, како и да се утврдат некои детали во однос на критериумите.
-Во делот на каматата Владата очекува да се договори со банките, бидејќи на некој начин и тие да имаат општествена одговорност, а со цел да поттикнеме поголемо инвестирање. Тоа беше намерата на премиерот и во таа насока бараше и банките да одат во делумно субвенционирање на каматата, коешто ако ги погледнеме сите кредитни линии што оделе од Развојната банка биле субвенционирани од Владата, вклучително и онаа последна којашто е донесена како одлука од претходната Влада на 25.7.2023 година и со која се субвенционира од Владата, но каматата ја намалува за 1 п.п. кој го финансира банкарскиот сектор. Не нудевме ништо поразлично од тоа што досега го имало со Развојната банка. Премиерот имаше еден нов предлог и ќе видиме како ќе се произнесат банките. Ние секако ќе ја субвенционираме каматата и да видиме колку пониско ќе можат банките да ги пласираат средствата дури и под 3,25 отсто, изјави министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска.
Таа потенцира дека не станува збор за субвенционирање на каматата на компаниите кои ќе ги земат кредитите, туку дека фирмите ќе платат пониска камата од она што е сега просечна, по која ги добиваат средствата од банките.
-Фирмите ќе ја платат каматата која ќе биде пониска од она што во моментот го добиваат од комерцијалните банки, а тоа е просечно 4,9 отсто. Можноста е сега тие да добијат пониска камата од 3,25 отсто и таа да биде максимумот по кој би ги добил средствата приватниот сектор, рече министерката и потенцира дека никогаш не станало збор дека Владата ќе ги плати каматите на фирмите, туку да се обезбедат поевтини кредити и компаниите да плаќаат пониска камата.
Бизнис секторот очекува што е можно побрзо Владата да ги договори условите за унгарскиот кредит со комерцијалните банки. Оттаму сметаат дека покрај можноста компаниите да инвестираат со рочност до 15 години, што е поповолно од комерцијалните кредити, добра е и каматата од 3,25 проценти.
(А.С.)