Тројца поранешни банкари на „Креди свис“ се уапсени поради наводна улога во проневера на две милијарди долари преку фирма во Мозамбик, соопштија американските власти.
Мажите се пуштени со плаќање на кауција во Лондон, а САД бараат тие да бидат испорачани.
Шемата на измамата опфаќала давање заеми на државни компании во Мозамбик, пренесе Би-Би-Си.
Уапсени се уште две лица, вклучително со поранешниот министер за финансии на оваа африканска земја.
Поранешните службеници на швајцарската инвестициска банка се уапсени вчера во Лондон. Ендрју Пирс, Сурџан Синг и Детелина Субева се обвинети пред американскиот окружен суд во Њујорк.
Тие се теретат дека ги измамиле инвеститорите преку серија финансиски трансакции од 2013 година до 2016 година.
Тие креирале граѓански проекти заради собирање пари за лично богатење и свесно ги пренасочиле дел од заемите во облик на мито од 200 милиони долари на себеси, на властите од Мозамбик и на останатите, се наведува во обвинението.
Банката „Креди свис“ соопшти дека обвинетите поранешни банкари ги „избегнале сите внатрешни контроли“ и извршиле измама поврзана со властите во Мозамбик.