Во изминатите 30 години Народната банка ја одржа својата репутација на независна, стручна и кредибилна институција, која е столб на финансиската и макроекономска стабилност и дава поддршка во економскиот развој на земјата. Ова беше посочено од страна на поранешниот шеф на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава за време на транзицискиот период, Бишваџит Банерџи.
Во рамки на неговата посета, организирана како дел од активностите за јубилејот „30 години монетарна самостојност“, Банерџи оствари работна средба со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерите и членовите на Советот, а исто така одржа предавање пред претставници на финансиските регулатори, банкарскиот сектор, универзитетски професори и вработените на Народната банка.
Тој истакна и дека во време на глобален инфлаторен раст и ризици за реалната економија, во насока на одржување на ценовната стабилност, водењето независна монетарна политика, каква што впрочем и води Народната банка е клучно за целата економија.