Банди дивеат во Шведска, премиерот ја повика војската на помош: „Ниту една земја од ЕУ не го доживеала ова!“

406
EPA-EFE/Nils Petter Nilsson

Шведскиот премиер во четвртокот го повика шефот на вооружените сили да помогне да се спречи порастот на убиствата поврзани со банди во земјата.

Премиерот Улф Кристерсон денеска ќе се сретне со шефот на вооружените сили Мајкл Бајден и со шефот на државната полиција за да разговараат за улогата на војската во справувањето со загрижувачките последици од конфликтот со бандите.

Само вчера двајца мажи загинаа во Стокхолм, додека 25-годишна жена загина во експлозија во куќа во град северно од главниот град, јавува Би-би-си.

„Ќе ги ловиме бандите и ќе ги победиме“, вети премиерот Кристерсон во реткото телевизиско обраќање.

Тој рече дека Шведска сè уште не видела вакво нешто и дека „ниту една друга земја во Европа“ не доживеала ваква ситуација. Тој нагласи дека на децата и на невините случајни минувачи се повеќе им се заканува насилство низ целата земја.

Сè уште не е јасно точно како војската би можела да се вклучи, но претходните разговори сугерираа дека војската би можела да преземе некои полициски должности за полициските службеници да можат да ослободат ресурси за борба против криминалот.

Но, лидерот на Kollektiv Sorga, група поврзана со Амнести интернешенел, Сакарија Хирси, мерките на премиерот ги смета за површни, оценувајќи дека тие не влијаат на основните причини за насилство.

Тој повика на поголема акција против сиромаштијата кај децата и зголемување на средствата за младинските клубови и социјалните институции со цел да се запре насилството.

Досега во септември, 12 лица се убиени во насилство на бандите, што е најголем број од декември 2019 година, според Dagens Nyheteru.

Шведските медиуми го поврзаа порастот на убиствата со конфликтот во бандата позната како мрежата Фокстрот, која беше потресена од внатрешни судири и поделена на две ривалски фракции.

Минатата година, повеќе од 60 луѓе загинаа во престрелки во Шведска, што е најмногу досега, а оваа година се очекува да биде исто или полошо.

Полицијата го поврзува насилството со лошата интеграција на имигрантите, зголемениот јаз меѓу богатите и сиромашните и употребата на дрога.