Калчо гигантот Милан со 3:1 загуби од Ливерпул во првото коло од Лигата на шампиони, но неколку дена подоцна со 2:1 ја доби градската пресметка против вечниот ривал Интер.
Легендарниот хрватски фудбалер, Звонимир Бобан, како стручен коментатор за „Скај Спортс“, го коментираше поразот од неговиот поранешен клуб во кој настапуваше во деведесеттите и беше директор од јуни 2019 до март 2020 година.
Бобан ја смета минатогодишната продажба на играчот за врска Сандро Тонали во Њукасл за грешка на Милан, а го критикуваше и тренерот Пауло Фонсека кој летово дојде во клубот и забележа само две победи на шест натпревари.
Поранешниот капитен на Хрватска и Динамо (З) не се согласува со изборот на играчи на Фонсека и смета дека Тијани Рајндерс не е шестка, туку осумка, а Рубен Лофтус-Чик не е десетка, туку осумка.
“Како да се игра 4-3-3 со двајцата заедно? Дали се размислува за промени?” изјави Бобан минатата недела.
Таквата негова изјава не му се допадна на контроверзниот италијански фудбалер, Марио Балотели кој гостуваше во емисијата на италијанскиот медиум „Contracalcio која се вика Vox to Box“.
„Не ми се допаѓа начинот на кој Бобан зборува. Изгледа тој знае сè и дека само неговите идеи се точни, а останатите се идиоти. Колку е дрско да му кажеш одредени работи на Фонсека, да му кажеш на тренерот како да ја направи својата. Работа“.
Балотели во некои моменти од кариерата беше еден од најдобрите напаѓачи во светот, но имаше проблеми со однесувањето и континуитетот. Играше за Интер, Манчестер Сити, Милан, Ливерпул, Ница, Марсеј, Бреша, Монца, Сион и Адана Демирспор.