Според последните информации од Светската здравствена организација, омикрон е откриен во најмалку 38 земји во светот, како и во Грција, Хрватска, Црна Гора, Романија… но сè уште не е забележан смртен случај. Засега симптомите се поблаги и се слични на настинка, а има забележано и повеќе асимптоматски случаи. Но, сепак, СЗО предупреди дека може да поминат неколку недели за да се утврди колку е заразна оваа варијанта, дали предизвикува посериозна болест и колку се ефикасни вакцините.
Новата мутација на вирусот омикрон сè уште ја нема во Македонија, но е насекаде околу нас. Првите случаи на заразени со омикрон на Балканот веќе се детектирани во Грција, Хрватска, Црна Гора, Романија… и прашање е на време кога ќе биде изолиран вирусот и во земјава. Во моментов во Институтот за јавно здравје се испитува дали оваа мутација ја има во земјава.
Според последните информации од Светската здравствена организација омикрон е откриен во најмалку 38 земји во светот, но сè уште не е забележан смртен случај. СЗО предупреди дека може да поминат неколку недели за да се утврди колку е заразна оваа варијанта, дали предизвикува посериозна болест и колку се ефикасни вакцините.
Додека повеќе земји во светот забрзано преземаат дополнителни мерки за заштита од овој сој, се затвораат границите за патниците што доаѓаат од земјите каде што мутацијата веќе циркулира, Македонија засега нема да воведе мерки за заштита од новиот сој на коронавирусот. Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче сметаат дека актуелните мерки за заштита од ковид-19 се добри, даваат резултати, а епидемиолошката состојба во земјава е стабилна и нема притисок врз болниците.
Филипче рече дека нема потреба од затворање на границите, воведување на карантини за патниците кои доаѓаат од одредени земји. Според него вирусот не може да се ограничи, прашање е на време кога ќе пристигне, но затоа треба да се стави акцент на имунизацијата.
Според последните истражувања, новата варијанта на коронавирусот омикрон најверојатно собрала најмалку една од нејзините многубројни мутации со тоа што презела парче од генетскиот материјал на друг вирус, оној што предизвикува обична настинка. Анализата исто така покажува дека ова не е забележано во ниту една од претходните варијанти на коронавирусот, но е присутно кај многу други вируси, вклучително и оние кои предизвикуваат настинки, како и во човечкиот геном.
– Омикрон со преземањето на новиот „код“, се прави себеси „почовечки“, што може да му помогне да го избегне имунолошкиот систем – вели Венки Саундарарајан, експерт во Nference, компанија за анализа на податоци со седиште во Кембриџ, Масачусетс, и додава дека сè уште чека научна рецензија.
Откритието може да значи дека вирусот полесно се пренесува, но и дека предизвикува само блага или асимптоматска болест, што би било одлична вест за човештвото по речиси две години пандемија. Научниците сè уште не знаат дали омикрон е позаразен од другите варијанти, дали предизвикува потешка форма на болеста или дали ќе ја надмине делтата како најраспространета варијанта на коронавирусот.
Според претходните студии, клетките во белите дробови и гастроинтестиналниот тракт може да содржат САРС-КоВ-2 и вируси на обична настинка во исто време. Ова би овозможило рекомбинација на вируси, процес во кој два различни вируси во иста клетка домаќин меѓусебно дејствуваат додека се копираат себеси, создавајќи нови копии кои го имаат генетскиот материјал на двата „родитела“.
-Истата генетска низа се појавува кај човечкиот коронавирус HCoV-229E, кој предизвикува настинки кај луѓето, како и кај вирусот ХИВ, кој предизвикува сида, наведува Соундарарајан и дообјаснува дека токму во Јужна Африка, каде што првпат беше идентификуван омикрон, има највисока стапка на заразени со ХИВ во светот, а тој го ослабува имунолошкиот систем и ја зголемува подложноста на лицето на инфекции со вируси на настинка.
(В.Ма.)