„За мене, танцот сам по себе е чиста уметничка форма и често станува простор за исповед, каде што движењата служат и како лично и како колективно средство за соочување, споделување и ослободување на емоциите. Танцот е еден вид издувен вентил. Можеби, тука лежи идејата за „Исповед“, што често се манифестира како искрена форма на самоизразување, што им овозможува на играчите да пренесат длабоки лични и универзални вистини“, кажа во интервјуто за весникот ВЕЧЕР балерината и кореограф Саша Евтимова по премиерата на претставата „Исповед“ во Гевгелија

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

На денот на одбележувањето на 80-годишниот јубилеј слободна Гевгелија (7 Ноември), во Народниот театар во Гевгелија, а во организација на Домот на културата – Гевгелија, премиерно беше изведена балетската претстава „Исповед“ на Националната опера и балет, а во кореографија на Саша Евтимова. Во претставата настапија: Миро Митрашиновиќ, Ендру Кук, Илијана Данилов, Веселин Трајковски, Мартина Димковска, Тодор Стојанов, Ивана Димковска и Саша Евтимова. Сценографијата е на Марија Ветеровска, а музичката подлога на Јохан Себастијан Бах. По премиерата, специјално за весникот ВЕЧЕР, поразговаравме со кореографот и балерина Саша Евтимова

По трет пат сте во Гевгелија, прв пат бевте со „Ла, ла, ла“, втор пат со „Болеро“, а сега со „Исповед“. Од каде потекна идејата премиерата на оваа балетска  претстава во продукција на МОБ да се одржи во Гевгелија, а не, да речеме, во Скопје?

Како што напоменавте, ова е наше трето гостување во Гевгелија и за прв пат се дава премиера во друг град, а не на нашата матична сцена. Сето ова се должи на добрата соработка што ја имаме со Домот на културата во Гевгелија, под раководство на Мирјана Крстева- Масети. На нејзина покана и иницијатива, по повод 80- годишнината од ослободувањето на Гевгелија, заедно со новото раководство на Националната опера и балет, решивме да создадеме едно ново дело, премиерно и да ја почестиме публиката во Гевгелија. Ваков вид соработка многу ретко се случува, па би ги охрабрила и другите градови да го следат примерот на Гевгелија и да им понудат нешто ново на своите граѓани.

Кажете ни кој сè работеше на создавањето на оваа балетска претстава, која гевгеличани имаа  привилегија први да ја видат и колку траеја подготовките за неа?

Во претставата, која е повеќе камерна претстава, учествуваат десетина играчи, истакнати солисти, солисти и млади надежни играчи со кои првпат соработувам. Подготовките не траеја многу долго, поради тековниот репертоар што го имаме и враќањето на претстави што долго време не биле на репертоарот на нашата матична сцена, но сите играчи беа максимално посветени на создавањето на претставата, што е многу битно за еден кореограф. Без заемна љубов, посветеност, разбирање и комуникација, не може многу да постигнете, затоа сум му благодарна на тимот што стои зад оваа премиера.

Преку исповедта во православието, верникот се чисти од гревовите што ги сторил. Дали со балетската претстава, преку играта на балетските уметници, ни сугерирате дека и со танцувањето е можно да отфрлиме некои наши скриени чувства, болки, порази, тешки вистини од себе и на крајот да се „прочистиме“. Ова го прашувам бидејќи со последните истражувања е докажано дека танцот ослободува ендорфин, природна хемикалија за добро чувство во нашиот мозок, која го зголемува чувството на задоволство, но и ја намалува болката. Помага да се намалат депресијата, анксиозноста и да се подобри нашата самодоверба?

За мене, танцот сам по себе е чиста уметничка форма и често станува простор за исповед, каде што движењата служат и како лично и како колективно средство за соочување, споделување и ослободување на емоциите. Јас секогаш сум го користела танцот како еден вид прочистување, танцуваме и кога сме среќни и кога сме тажни. Танцот е еден вид издувен вентил. Можеби, тука лежи идејата за „Исповед“, што често се манифестира како искрена форма на самоизразување, што им овозможува на играчите да пренесат длабоки лични и универзални вистини. За разлика од традиционалните или структурирани наративи, современиот танц опфаќа апстрактно и симболично движење, кое ги истражува темите на ранливоста, автентичноста и емоционалното ослободување.

„Подлога“ на балетот „Исповед“ е музиката на Бах. Дали, можеби, ја одбравте поради фактот што тој, покрај другото, создавал религиозна музика со која можел да „инспирира вера кај неверниците“, а што кореспондира со исповедта и со покајанието?

Музиката некако случајно си дојде сама по себе. Планот околу изборот не ми беше само Бах туку имав во план да користам и други композитори, но некако коцките се склопија само на неколку познати композиции на Бах. Како што е танцот чист така и композициите на Бах се чисти. Тој е познат по својата длабока сложеност, емоционалната длабочина и по структурното совршенство. Како еден од највлијателните композитори од барокниот период, неговите дела се движат низ свети и секуларни жанрови, истражувајќи сложени хармонии, контрапункт и тематски развој. Неговата музика има безвременски квалитет, влијаејќи на композиторите со векови и резонирајќи со публиката низ генерации. Неговата работа е пример за интелектуална строгост и за длабоко емоционално изразување, што го прави бескрајно инспиративен.

Импресивно е Вашето CV, работите многу, дури и на неколку проекти одеднаш. Како успевате да го издржите физичкиот и психичкиот напор, има ли некоја тајна „состојка“?

Немањето приватен живот, се шегувам. По природа сум „воркохолик“ и не знам поинаку да функционирам. Тоа е, можеби, затоа што сум научена од мали нозе што е максимална посветеност и откажување, кои одат со она што љубиш да го работиш. Кога не работам, се чувствувам празно и неисполнето, но тој момент го разбирам како дел од работниот процес, бидејќи и умствено и физички му е потребно на еден организам да се рехабилитира. Се трудам да најдам време за себе, за фамилијата, уживајќи во работите што ме прават среќна, инспиративна и креативна, а немаат никаква врска со професијата што ја работам.

 

Што е забележано во Вашиот работен календар до крајот на оваа 2024 година?

Во календарот е забележано моето работно патување кон крајот на ноември, во Естонија, каде што ќе поставам еден краток балет и еден дуетен танц во МУБА Националното училиште во Талин, каде што имам долгогодишна соработка. Потоа многу претстави од тековниот репертоар на мојата матична куќа и гостувања. Повеќе планови имам за 2025 година, но за тоа во некоја друга пригода.

 

Помнам еден дел од Вашата порака по повод Светскиот ден на танцот од 29 април 2013 година: „Емоциите се поубави од зборовите. Говорејќи преку движење, ставајќи ги сите твои емоции на отворен простор, значи да ѝ дадеш на публиката нешто по што ќе те запамети; танцот може да промени нешто во нив без нивно знаење“.

Некако оваа порака, иако е напишана во 2013 година, на еден начин е поврзана со „Исповед“, бидејќи, за мене, срцето било и секогаш ќе биде главен двигател на сè.

Се надевам дека гевгелиската публика ја почувствува таа промена во себе, гледајќи ја балетската претстава „Исповед“ и дека си замина од Театарот со чувство на задоволство и со смиреност во душата.