Балансерот „замрзна“ – ќе се моделира или ќе се стопи?!

Одлуката на Уставниот суд да се покрене постапка за оценување на уставноста и законитоста на Балансерот предизвика реакции од партиите на помалите етнички заедници во земјава. Откако на седница во средата, по долгата дебата и дискусија, која ги подели уставните судии во своите ставови, тие со гласање одлучија да донесат привремена мерка за „замрзнување“ на балансерот и до конечна одлука за неговата уставност да нема вработувања врз основа на овој механизам, односно вработувања по етнички клуч, партиите на помалите етнички заедници излегоа со негодувања за оваа одлука и различни обвинувања за заднината на одлуката

43

Одлуката на Уставниот суд да се покрене постапка за оценување на уставноста и законитоста на Балансерот предизвика реакции од партиите на помалите етнички заедници во земјава. Откако на седница во средата, по долгата дебата и дискусија, која ги подели уставните судии во своите ставови, тие со гласање одлучија да донесат привремена мерка за „замрзнување“ на балансерот и до конечна одлука за неговата уставност да нема вработувања врз основа на овој механизам, односно вработувања по етнички клуч, партиите на помалите етнички заедници излегоа со негодувања за оваа одлука и различни обвинувања за заднината на одлуката.

Од Коалиција Вреди остро реагираа на одлуката на Уставниот суд за покренување на постапка за оценување на уставноста и замрзнување на т.н. балансер и информираа дека работат на нов закон за решавање на ова прашање.

– ВЛЕН остро реагира на Оваа одлука инспирирана од очигледната потреба на криминалните структури на претходната власт за создавање меѓуетнички проблеми и дестабилизација на внатрешните односи во државата. Сакаме да укажеме на јавноста дека сите судии, без исклучок или каква било припадност, се избрани со гласови на ДУИ во претходните мандати. ДУИ давала поддршка на сите оние кои денес поведоа постапка против т.н. балансер. ВЛЕН ќе го реши овој проблем со нов закон на кој веќе се работи. Да потсетиме дека принципот на рамноправна и правична застапеност е гарантиран со Уставот на Република Северна Македонија и тој не може да биде оспорен и поништен дури ни од страна на Уставниот суд. Дополнително, во десетици и десетици, можеби и стотици материјални закони за функционирањето и работата на поединечни институции, гарантирана е застапеноста на Албанците. Одлуката нема да смени ништо за правата на Албанците, ама ја покажува лошата намера на оние кои ги избраа овие судии во Уставниот суд, се наведува во соопштението од Вреди.

Од Алијанса за Албанците, од крилото на Зијадин Села, порачаа дека оваа одлука на Уставен е дел од проектот за деалбанизација на државата.

-Одлуката за укинување на Балансерот е удар за еден од главните столбови на Охридскиот договор, правичната и соодветна застапеност. Од денеска па натаму нема да има загарантирани работни места и именувања на раководни позиции на Албанците и другите немнозински заедници. Му честитаме на господинот Арбен Таравари за големата „победа“ против Албанците и сервилноста кон оваа антиалбанска Влада. Тој ги надмина Мицкоски и Димитриевски, изразувајќи се дециден против вработувања по етничка основа и беше последниот соопштувач на оваа одлука што следеше денеска, стои во соопштението од АА.

И Села денеска на прес-конференција од Собранието рече дека одлуката на Уставниот суд во врска со „балансерот“ е скандалозна и дека со „удирањето“ по балансерот се нарушуваат основните човекови права на граѓаните. Села порача дека треба да се стави крај на етничкото гласање кое се случило во Уставниот суд.

-Одлука што се донесе вчера во Уставниот суд е резултат на најавата пред две години од страна на сегашниот премиер, а тогашниот лидер на македонската опозиција Христијан Мицкоски, кој уште тогаш изјави дека разговараат за укинување на „балансерот“. Нормално дека ние како Алијанса за Албанците нема да седиме без да преземеме мерки. Итно треба да се стави крај еднаш засекогаш на етничкото гласање што се случи вчера во Уставниот суд, бидејќи не може да се укинат закони донесени со Бадентер од страна на некој судија кој е воден од фактот дека припаѓа на одредени етничка заедница. За донесување на овој Закон биле потребни компромиси, дебати и веќе е прифатен од граѓаните, рече Села и додаде дека треба да се донесе закон според кој за сите закони донесени со Бадентер, Уставниот суд треба исто така да одлучува со Бадентер.

Поранешниот министер за правда и потпретседател на Алијанса, Кренар Лога, рече дека гласањата за сите етнички прашања секогаш се чисто етнички и мајоризирачки.

-Сите иницијативи што се однесуваат на прашањата за праведно и соодветно застапување, употребата на албанскиот јазик и другите етнички прашања во корист на немакедонските заедници, ќе имаат иста судбина како прашањето за изводите од матична книга на родени, односно поништувањето на уредбата на министерот за правда и укинување на соодветните членови од законот. Треба да се истакне дека гласањето пред една година беше чисто етничко и мајоризирачко; такво беше и денес (6 македонски гласови наспроти 3 албански и турски), порача Лога преку соопштение.

Од Партија за движење на Турците – ТХП предупредија дека укинувањето на механизмот балансер не само што ќе биде сериозен удар врз правичната застапеност на немнозинските заедници, туку и сериозно ќе ги наруши меѓуетничките односи. Оттаму велат и дека се свесни дека изминатите години балансерот бил злоупотребуван.

-Партија за движење на Турците низ годините јасно и гласно ја нотираше оваа проблематика. Повикувавме и нудевме решенија за подобрување на самите механизми. Но сега, за да се надмине овој проблем, Владата треба да се насочи кон пронаоѓање нов модел кој ќе ги минимизира злоупотребите. Укинувањето на овој механизам не само што ќе биде сериозен удар врз правичната застапеност на немнозинските заедници, туку и сериозно ќе ги наруши меѓуетничките односи, се вели со соопштението на ТХП.

Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од ДКСК, Дарко Костадиновски, во средата, по расправата по иницијативата, поднесена од ДКСК, изјави дека Балансерот ја исполнил својата цел и сега на ред се мерит системот и компетентноста кои треба да бидат единствени критериуми за вработување и унапредување. Тој потенцира дека апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права.

– Ниту даваме, ниту укинуваме некои права. Не е наше да го учиме законодавецот како да операционализира некое уставно право. Наше право е да видиме како го операционализира и како се применува. Со оспорените одредби не се држи до уставната рамка… Клучно е да одлучиме дали оспорените одредби се согласно Устав, а на законодавецот е да најде начин да го операционализација тоа. Ако темелната вредност е во Уставот, како ние сме го укинале. Не сме укинале ничии права, изјави Костадиновски, кој додаде дека националноста е приватно, лично и внатрешно чувство на припадност на поединецот и потсети дека Уставниот суд веќе донел одлука и тие како уставни судии кажале дека е лично право „да ја изразам, да не ја изразам или да се воздржам“ за националната припадност.

Според Антикорупциска како подносител на иницијативата, со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Уставниот суд на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата, којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се  нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Министерот за администрација Горан Минчев, неодамна изјави дека балансерот останува на сила, но ќе се дебатира за негово укинување. Тој вели дека има институции со превработеност, а само 30 проценти од вработените ги исполнуваат своите работни задачи. Во интервју за РСЕ, Минчев потсети и на ланскиот Нацрт-извештај од скрининг процесот за првиот кластер од поглавјата на Европската Унија за Македонија, во кој Брисел предупредува дека балансерот не ја врши работата за која е наменет.

-Комисијата дополнително утврдува дека паралелните процедури за вработување (поставени за да се зголеми вработеноста на малцинствата во јавниот сектор) може да ги поткопаат принципите на ефективност и да влијаат на независноста на институциите, стои во извештајот на ЕК.

По стапувањето на функцијата, Минчев ги поништи пресметките за балансерот од пред две години кога беше вметната и дијаспората од пописот во 2021 година. Со измената, во државните институции ќе се вработува според процентот на резидентното население, без дијаспората. Минчев во јули истакна дека измената на процентите на алатката балансер се направени исклучиво согласно Законот за вработените во јавниот сектор, кој претходно не бил испочитуван.

И новиот министер за политички систем, Иван Стоилковиќ, летово обелодени дека имало злоупотреби на балансерот и дека принципот на правична застапеност воопшто не важел во Министерството за политички систем, со кое претходно министеруваше Артан Груби. Стоилковиќ тогаш ги објави списоците на кои се гледа дека иако над 90% од вработените се Албанци, дел од нив се декларирале како Македонци за вештачки да се намали процентот.

Балансерот е алатка за вработување според национална припадност во државните институции. Во август 2022 година, тогашниот министер Адмирим Алити направи нова пресметка, броејќи ја и дијаспората од пописот во 2021 година, и го зголеми процентот за вработување Албанци на 29,54%. Законот за вработените во јавниот сектор започна со примена во 2015 година. Овој Закон предвидува механизам за распределба на новите вработувања со соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. (В.С.Н.)