Замрзнувањето на балансерот до конечна одлука на Уставниот суд во однос на оваа алатка за правична застапеност во вработувањата во државните институции ги вкрсти копјата меѓу албанските политички партии. Од опозициската ДУИ обвинуваат дека оваа одлука ќе доведе до нарушување на меѓуетничките односи и на правичната етничка застапеност. Од Вреди, пак, ги обвинуваат лидерите на ДУИ за манипулации и прикривање на корупциските скандали и гарантираат дека замрзнувањето на балансерот нема да го загрози правото на вработување на ниту еден Албанец, ниту на припадниците на другите етнички заедници.
Од ДУИ, преку соопштение, предупредија дека укинувањето на балансерот ќе доведе до сериозни нарушувања на темелите на Охридскиот договор, кој е клучен за одржување на правичната етничка застапеност во државните институции. Според партијата, ваквите одлуки го загрозуваат меѓуетничкиот мир постигнат по конфликтот во 2001 година.
– Со укинувањето на балансерот се рушат темелите на Охридскиот договор, и тоа ќе доведе до дестабилизација на меѓуетничките односи – предупредуваат од ДУИ, посочувајќи дека ова е резултат на политичките сојузи против интересите на Албанската заедница.
Од Вреди возвратија дека „лагите на Ахмети не поминуваат ниту кај пратениците на Европскиот фронт“.
– Одлуката на Уставниот суд за замрзнување на балансерот е уште една потврда дека ДУИ, наместо да ги искористи функциите во Владата со делегитимираниот СДСМ за систематско решавање на статусот на Албанците, се фокусираше на ограбување на јавните пари и на лично богатење. Коалицијата Вреди гарантира дека замрзнувањето на балансерот нема да го загрози правото на вработување на ниту еден Албанец, ниту на припадниците на други етнички заедници. Ние сме посветени на донесување закон за правична застапеност, кој ќе обезбеди правичност и ќе ги заштити интересите на сите граѓани, независно од нивната етничка припадност – се вели во реакцијата на Вреди.
Првиот вицепремиер, Изет Меџити, во неделното интервју за РСЕ вели дека има усогласеност во Владата за Законот за правична застапеност, само треба да најдат начин да има евиденција на етничката припадност во администрацијата без да се коси тоа со приватноста на информациите. Меџити вели дека во првите години балансерот дал придонес во тоа и се подобрила сликата на етничката припадност во јавната и во државната администрација, но во последните години не бил во функција, туку имал контраефект поради злоупотребите.
Во меѓувреме, од Министерството за јавна администрација порачаа дека сите јавни институции ќе добијат упатство како да постапуваат во периодот додека важи времената мерка на Уставниот суд за стопирање на алатката „балансер“, за вработувањата во јавната администрација. Министерот Минчев во петокот изјави дека нема да ги коментира одлуките на Уставниот суд, која, како што рече, е извршна и се спроведува.
– Што се однесува до распишаните огласи за вработувања што се во тек, Министерството за јавна администрација ќе постапи согласно со содржината на донесените времени мерки од страна на Управниот суд, по објавата во „Службен весник“ на РСМ. За истите ќе подготви соодветно упатство, кое ќе го сподели и ќе го дистрибуира до сите институции – информираат од Кабинетот на министерот за јавна администрација за МИА.
Уставниот суд, на 18. овој месец, донесе времена мерка за одредби од Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавниот сектор што се однесуваат на етничката припадност, односно одредби од акти што беа оспорени од Државната комисија за спречување корупција. До носењето конечна одлука од страна на Уставниот суд, овие одредби нема да се применуваат, односно нема да има вработувања по етнички клуч.