Во последно време крадците земаа голем замав и често ги ограбуваат познатите спортски ѕвезди, а овој пат на нивна мета беше една од најголемите ѕвезди во историјата на НБА лигата, Ален Ајверсон.

Полицијата во Фуладелфија соопшти дека разбојници му украле на Ајверсон торба полна со накит во вредност од околу половина милион долари, пренесува американски „НБЦ“.

Полицијата во Филаделфија исто така соопшти дека непознат маж влегол во хотелот каде што престојувал Ален Ајверсон, ја украл торбата и побегнал, и сè уште не е пронајден. Тој е опишан како Афроамериканец кој имал околу 20 години, висок околу 182 сантиметри. За време на кражбата тој носел темна јакна, црвена маица, црно-бели патики и темни панталони.

  • Ние го проверивме местото на злосторството и истрагата е во тек. Во моментов немаме други информации, соопшти полицијата, а според сведоците, Ајверсон не бил во хотелот за време на кражбата.

Ајверсон ја заврши својата богата кариера во 2013 година. Тој 11 пати беше дел од Ол-стар натпреварите, а во сезоната 2000/2001 беше прогласен за МВП. Исто така беше три пати избран за играч во првата петорка во сезоната, а четири пати беше најдобар стрелец на лигата. Во 1996/97 година тој беше прогласен за дебитант на годината.

Нешто пред да биде ограбен, Ајверсон се збогуваше со трагично загинатиот Коби Брајант.

  • Зборовите не можат да пренесат како се чувствувам. Не можев да поверувам во тоа што се случи. Луѓето секогаш ќе се сеќаваат како тој и јас се натпреварувавме еден против друг во НБА лигата, но нашата врска беше многу повеќе од тоа, истакна Ајверсон.